Шведска и Иран размениле затвореници во саботата, соопштија официјални лица, при што Шведска ослободила поранешен ирански функционер осуден за неговата улога во масовна егзекуција во 1980-те, додека Иран ослободил двајца Швеѓани кои беа приведени во оваа земја.
Размената на заробениците била посредувана од Оман, се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на таа земја. „Напорите на Оман резултираа со тоа што двете страни се договорија за заедничко ослободување, бидејќи ослободените беа префрлени од Техеран и Стокхолм“, се вели во соопштението.
Шведска го ослободи поранешниот ирански функционер Хамид Нури, кој беше осуден под обвиненние за наводно учество во масовни егзекуции на политички затвореници во Иран во 1988 година. Иранската официјална новинска агенција IRNA објави снимка од пристигнувањето на Нури на аеродромот „Мехрабад“ во Техеран каде што беше пречекан од неговото семејство.
Во меѓувреме, шведските државјани Јохан Флодерус и Саид Азизи, кои беа приведени во Иран, беа ослободени и вратени во Шведска каде пристигнаа доцна во саботата. Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека и двајцата се во добра состојба со оглед на околностите и дека се веќе соединети со нивните семејства.
„Иран ги искористи и двајцата како пиони во цинична преговарачка игра со цел да го ослободи иранскиот државјанин Хамид Нури од затворот во Шведска. Тој беше осуден за тешки злосторства извршени во Иран во 1980-те. Како премиер, имам посебна одговорност за безбедноста на шведските граѓани. Затоа, владата интензивно работеше на ова прашање, заедно со шведските безбедносни служби кои преговараа со Иран“, истакнува Кристерсон во писмената изјава за јавноста.