Директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС) Апостол Симовски изјави дека погрешил кога рекол дека етничката припадност и мајчиниот јазик на пописот ќе можат да се декларираат само лично, а не и во име на друг член на семејството.
На оваа изјава на Симовски претходеа спротиставени ставови меѓу него и заменик-директорот на ДЗС, Иљми Селами.
-Да, имавме некои несогласувања, веројатно и погрешни изјави, пред се, од моја страна. Жал ми е и се извинувам што ја доведов јавноста во некоја заблуда. Законот пишува многу добро, членот 8 тоа го дефинира, не специфицира кој, така да мора да го почитуваме законот во тој дел, вели Симовски за 360 степени.
Неговата првична изјава, дека роднините не можат да ги дадат белезите како јазик и етничка припадност за печалбарите, Симовски вели дека ја дал со цел да ја мотивира дијаспората сама да се попише. Таквата опција ќе биде возможна електронски од 1 март.
Симовски сега објаснува дека според членот 8 од Законот за попис, кој предвидува дека за државјаните на земјава кои се во странство податоци дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот, нема ограничување за тоа кои податоци може да се дадат.
Заменик-директорот, Иљми Селами, претходно ја бранеше истата позиција, повикувајќи се на истиот член на Законот за попис.