Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси го инаугурираше во недела грандиозниот соборен храм во близина на главниот град Каиро по повод одбележувањето на христијанскиот празник Божик кој египетските Копти го одбележуваат според грегоријанскиот календар.
Придружуван од православниот коптски патријарх Тавадрос Втори, египетскиот претседател ал-Сиси, инаку фелдмаршал по чин и поранешен шеф на влијателниот и моќен Национален совет на вооружените сили, со силни безбедносни мерки откако ноќта спроти неделара во близина на една црква беше откриена експлозивна направа која уби еден полицаец, изјави дека земјата доживува „важен момент во својата историја“.
„Ние сме едно и секогаш ќе бидеме едно“, рече Сиси пред почетокот на пеењетро на коптските божикни песни. Коптскиот Божик се прославува во цел Египет на 7-ми јануари.
Бројни безбедносни сили беа мобилизирани во неделата на локација во пустината, 45 километри од Каиро, каде што Египет гради нов административен центар, и каде што покрај коптскиот соборен храм Рождество Христово во неделата беше отворена и голема џамија Ал-Фатах Ал-Алим.
Коптската православна црква е една од најстарите христијански цркви во светот. Според преданието, таа е основана од страна на Апостол Марко кој се смета за нејзиниот прв патријарх. Во моментов, Коптите се најбројната христијанска конфесија на Блискиот исток, а огромното мнозинство од нив живеат во Египет. Во моментов, според официјалните податоци, бројот на Коптите во Египет изнесува околу 10 милиони. Коптите, пак, тврдат дека во земјата има речиси 17 милиони христијани, или околу 20 отсто од вкупно 85 милионското население Египет.