4.8 C
Skopje
четврток, декември 26, 2024

Сите наши граѓани се на безбедно-тврди Османи, а Македонија ќе прифати 450 лица од Авганистан

Доколку не се појави нешто неочекувано, досега успешно е извлекувањето на нашите граѓани од Кабул. Од утринските часови успеавме да ја извлечеме најголемата група на наши граѓани кои беа во Кабул, изјави синоќа министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Македонските граѓани кои беа регистрирани на аеродромот во Кабул, Авганистан, се качени на воените летови и трансферирани во Доха (Катар) и Абу Даби (ОАЕ). Сите наши граѓани се на безбедно, а дипломатската мрежа на Министерството за надворешни работи во овие земји е во директен контакт и тие наскоро продолжуваат кон Скопје.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера изјави педесетина граѓани на РС Македонија се префрлени од Кабул во Доха и во Абу Даби, а уште 19 наши граѓани се на пат за Доха. Сите потоа со редовни цивилни летови преку Катар и Лондон треба да се вратат во земјава.

Според последните информации, 14 наши граѓани сѐ уште се наоѓаат во НАТО базата во Кабул, а дел од нив се очекуваше вчера да бидат безбедно транспортирани. Тројца остануваат во НАТО базата, согласно нивниот распоред на обврски.

Владата на Република Северна Македонија продолжува со интензивна координација со сојузничките НАТО сили, со амбасадата на САД во земјава и со меѓународните организации во рамки на меѓународната спасувачка и хуманитарна мисија за прифаќање и спасување на авганистанското цивилно и миротворно население.

Владата, како што соопштија вчера, има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани од локално населените од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија.

Најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, се наведува во соопштението, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ).

Инаку, Владата донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, сѐ до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.

Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, пак, се задолжени на брз и ефикасен начин да ги завршуваат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за нивно спроведување до хотелските капацитети во кои ќе бидат сместени.

Владата апелира за внимателно, одговорно и точно информирање во врска со меѓународната хуманитарна мисија за која Северна Македонија презеде иницијатива за вклучување и помагање. Никој нема право да ги плаши граѓаните со неточни, опасни и искривени информации како што се оние дека наводно земјава ќе ја населеле Талибанци екстремисти.

Како што вчера соопштија од Владата, граѓаните од Авганистан ќе пристигнат со прецизно организирани авионски летови, истите се вработени или членови на семејства на вработени на локални и меѓународни демократски мисии и воопшто не се нелегални мигранти, тие нема да бидат сместени ниту во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци.

– На Северна Македонија не и се случува никаква мигрантска криза, напротив, Северна Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција за спасување на авганистанско мирољубиво население кое е под опасност од екстремистичките талибански структури, се наведува во владиното соопштение.

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев доби поддршка од претседателот на Националниот демократски институт Дерек Мичел за одлуката за прифање авганистански цивили во земјава.

– Националниот демократски институт го поздравува премиерот на Северна Македонија за неговата заложба да прими авганистански цивили во неволја, кои својот живот го посветиле на мирно, мултиетничко општество со еднакви права за сите. Таквото лидерство и солидарност е она што се бара во време на криза, напиша на неговиот твитер налог претседателот на влијателната американска невладина организација која е посветена на унапредување на демократијата во светот.