„Сите за правично судење“: Лицата со оштетен вид без пристап до правда

На лицата со оштететен вид им е ограничено правото на фер и правично судење под еднакви услови како за сите, согласно законите и меѓународните прописи, заклучи Коалицијата „Сите за правично судење“, која во периодот од декември 2018 до март 2019 година спроведе истражување за физичката пристапност на десет основни судови.

Истражувањето е спроведено во основни судови во Скопје, Велес, Штип, Струмица, Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Тетово и Гостивар за нивните услуги од аспект на физичкиот пристап до правда.

-Во набљудуваните судови не постојат тактилни ленти, Браилово писмо, ниту прилагоден фонт на текстот за лица со оштетен вид или потешкотии во читањето. Во најголемиот суд Основен суд Скопје- граѓански суд, лифтот е нефункционален, а судот не поседува судница на приземјето како би можело да се олесни пристапот до правда на лицата кои се соочуваат со попреченост, нагласува Коалицијата „Сите за правично судење“ во соопштението.

Податоците се добиени од 16 набљудувачи, кои спроведуваат мониторинг на граѓански судски постапки од аспект на физичкиот пристап до правда во Основните судови во Р.Северна Македонија. Ова истражување е проверка на состојбите утврдени во периодот септември- декември 2018.

Ситуацијата, како што наведува Коалицијата, не е променета од истражувањето направено во периодот септември- декември 2018.

Коалицијата Сите за правично судење со оваа активност, преку мониторинг на
имплементација на домашните закони и меѓународните стандарди ќе даде поддршка
за подобрување на пристапот и квалитетот до правда.

Посебен фокус ќе се даде на граѓанските судски постапки и ранливи категории на граѓани (маргинализирани групи и лица со попреченост) во четирите апелациони региони: Скопје, Гостивар, Битола и Штип.

Истражувањето е изработено со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.