Скопскиот Апелациски суд го одби барањето на Панчевски, судењето продолжува во Велес

Скопскиот Апелациски суд го отфрли во вторникот барањето на поранешниот претседател на Кривичниот суд Скопје, за изземање на Велешкиот суд и префрлување на предметот во Скопје, оценувајќи дека судот во Велес е надлежен да му суди на Владимир Панчевски.

По оваа одлука судењето продолжи во Велес со рочиште на кое беа сослушани четири сведоци, службеници во скопскиот Кривичен суд. И

денеска адвокатите на Панчевски побараа тој да излезе од притвор и да продолжи да се брани од слобода, покажувајќи документ од Агенцијата за вработување, со кој тврдат дека Панчевски сѐ уште е во работен однос, а со тоа и имунитет на судија.

Вчера како сведоци во велешкиот суд, се појавија и поранешниот в.д. претседател на Кривичен, Стојанче Рибарев и актуелниот преотседател на скопскиот Кривичен суд, Иван Џолев. Објаснуваа како се одвива процесот на распределба на предмети во судот.

Владимир Панчевски е обвинет за залупотреба на службената должност, зашто наводно додека  бил шеф на Кривичен суд, наместо електронски преку АКМИС системот, дел од случаите ги делел рачно кај судии за кој сметал дека му се од доверба. На ваков начин поделил околу 40 предмети. Меѓу нив се и два случаи на Специјалното јавно обвинителство.

Поранешниот претседател на Кривичен е во притвор од 15-ти јули, кога сам се пријави во истражниот затвор Скопје, откако три дена не беше достапен да му биде врачена покана за ричиште. Судењето продолжува идниот вторник. Предвидени се уште двајца сведоци и еден вештак.