„На локалните избори што се одржаа минатата година ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ настапија со поддршка за независен кандидат за градоначалник на Град Скопје и се покажа дека ваквата одлука беше оправдана и ни донесе огромна победа“, истакна претседателот на советот на Град Скопје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески на денешната панел дискусија насловена „Европски практики во локалните самоуправи“.
Славески посочи дека на локалните избори минатата година ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје освои убедливо најголем број советници и за 50% повеќе советници во споредба со поразениот СДСМ.
„Скопје како главен град на Република Македонија, од секогаш важел за отворен град. Скопје е и стопански, културен и административен центар на државата. Резултат на ова е колоритот на народи коишто заедно со македонскиот народ егзистираат и ја градат иднината на овој град и сопствената иднина“, рече Славески.
Славески посочи дека Советот на Град Скопје служи за поддршка на градоначалникот на Град Скопје и сите служби со кои раководи, но и спроведува контрола над нивното работење. Советот до сега успешно ја извршува функцијата управување со јавните претпријатија и институции во кои Град Скопје е основач.
„Во минатото работата на Советот цели 2 години била со нетранспарентност, неможност за дискусија, дебата и одлуки коишто не одат во прилог на граѓаните. За разлика од минатото каде немаше видео пренос од седниците на Советот на Град Скопје, сегашната примена за видео пренос во живо на седниците од советот на град Скопје наиде на голема поддршка од граѓаните за нивно следење и навремено информираност за одлуките“, посочи Славески.
Славески потенцираше дека она што претстои е да направиме модернизација на страната на Град Скопје за да граѓаните можат во секој момент да пристапат и да видат кои материјали се планираат да се разгледуваат на седници на советот на град Скопје.
„Советниците од коалицијата за „Обнова на Македонија“ предводени од ВМРО-ДПМНЕ, имаат програма за посета на јавните претпријатија во надлежност на Град Скопје. Веќе се определени и термини во месецот за средби со граѓани на нашата советничка група и одржување на трибини во интерес на граѓаните“, заклучи Славески.