Словачката влада на вонредна седница непосредно пред настапувањето на новата 2021 година во четвртокот одреди мерки за затворање на скијачките центри и хотелите, и забрани движење меѓу регионите, откако бројот на новозаразените со коронавирусот достигна рекорден показател, а болницете се полнат со пациенти.
Новите рестриктивни мерки, коишто на сила стапуваат веќе од петокот, вклучуваат и работење од дома во сите случаи кога тоа е можно, забрана за посети меѓу семејствата и затворање на црквите, пренесува Reuters.
Словаците ќе можат да ги напуштат домовите само за одење на работа или поради некоја неодложна задача, и ќе смеат да одат во прошетка во природа но само во својот матичен округ, изјави министерот за здравство на прес-конференцијата која ја пренесуваа телевизиите. Мерките ќе бидат на сила до 24-ти јануари.
Словачка, со 5,5 милиони жители, во четвртокот пријави 6.315 нови случаи на зараза со коронавирусот кај кои SARS-CoV-2 е потврден со PCR тест, и 5.954 случаи утврдени со брзитет антигенски тестови.
Од почетокот на пандемијата, кога Словачка успешно се справи со ширењето на коронавирусот, досега има регистрирано над 180.000 случаи на заразата, и повеќе од 2.100 смртни исходи како последица на Covid-19.
Во словачките болници во моментов се хоспитализирани речиси три илјади пациенти. Стручната советодавна група предупреди дека болничките капацитети би можело целосно да бидат пополнети веќе по две седмици.