Словенија бележи 19 нови случаи на коронавирусот во 24 часа

Во Словенија во последните 24 часа со 1.112 тестови потврдени се 19 нови случаи на зараза со коронавирусот, девет повеќе од ден претходно, објави во средата словенечката влада, а тамошните епидемиолози се загрижени од повтроното ширење на инфекциите во домовите за стари лица.

„Бројот на новозаразените повторно се зголеми, а неколку лица дополнително се проверуваат“, објави на својот твитер профил портпаролот на словенечката влада за коронакризата, Јелко Кацин. Додава дека ќе биде свикан состанок на Националниот институт за јавно здравје веднаш штом ќе бидат познати конечните резултати, за да се претстави целасната епидемиолошка ситуација во земјата.

Со новите случаи потврдени во текот на изминатото деноноќие вкупниот број зарази со коронавирусот во Словенија од почетокот на епидемијата се зголеми на 1.878 лица, од кои во моментов активни се 266 случаи.

Во моментов во две ковид-болници хоспитализирани се 16 пациенти со Covid-19, од кои еден е на интензивно лекување. И во последните 24 часа немало нови смртни случаи, па бројот починати и натаму останива 111.

Словенечките медиуми истакнуваат дека епидемиолозите се загрижени од повторното ширење на заразата во домовите за стари лица, односно најчувствителната популација на Covid-19.

Така во средата е потврдено дека во еден дом за стари и немоќни лица сега има веќе 24 заразени, од кои 15 се штитеници, 8 се вработени и еден надворешен соработник на домот, додека другите кои биле во контакт со нив се во изолаија и под епидемиолошки надзор. Во друг дом за стари лица според последните податоци има четворица вработени и двајца штитеници.