Во Словенија во последните 24 часа и со помал број спроведени тестирања односно 4.807 направени тестови потврдена е повторно висока бројка од 1.342 нови случаи на зараза со коронавирусот, а починале 25 пациенти, соопшти во неделата словенечката влада.
Според овие најнови податоци, вкупната бројка потврдени инфекции од почетокот на епидемијата во Словенија во февруари е зголемен на 35.649, од кои активен е 22.501 случај. А расте и 14-дневната инциденца, па на 100.000 жители има 1.074 случаи на коронаинфекции, 30 повеќе отколку ден претходно.
Бројот на хоспитализираните е зголемен на 821 пациент, во однос на 779 од саботата, а бројот на пациентите згрижени на одделите за интензивна нега од 122 се искачил на 131 лице.
Од компликации предизвикани од Covid-19 досега според податоците кои ги објави министерството за здравство починале 357 луѓе. Од починатите, 70 отсто се штитеници на домовите за стари лица, каде што ситуацијата и во сегашниот втор бран на епидемијата е многу тешка.
Меѓу последните примери за продорот на вирусот во ваквите институции е случајот со домот за стари лица со посебни потреби во општината Толмин, на крајниот запад на Словенија, каде се заразени речиси сите стотина штитеници, и петтина од вработените кои се грижат за нив.
Словенечките епидемиолози посочуваат дека ситуацијата сѐ уште е многу тешка и дека не може да се каже дека е достигнат пикот на вториот бран на епидемијата.
Болниците се на работ од своите капацитети, бидејќи располагаат со околу 800 болнички кревети резервирани за пациентите со Covid-19, а се проценува дека набрзо ќе бидат потребни 1.200. Шефицата на владиниот тим за епидемијата, др Бојана Беович, изјави дека забрзано се бараат нови решенија за да биде надминат овој проблем.