Во Словенија во последните 24 часа со 5.868 тестови потврдени се 1.292 нови зарази со коронавирусот, а од последиците од компликации предизвикани со Covid-19 починал 51 пациент, соопшти во вторникот словенечката влада коај во четврток ќе одлучува кои епидемиолошки мерки ќе го остави на сила а кои може да ги олабави.
Со најновите смртни случаи од последици на заразата со коронавирусот, во Словенија бројот на починатите од почетокот на епидемијата се зголемил на 1.435 лица.
Истовремено, вкупниот број на заразите се зголемил на 77.106, од кои во моментов се активни 20.140 случаи на коронаинфекција, додека 14-дневната инциденца изнесува 961.
Според последните податоци на словенечкото министерство за здравство, во болниците од Covid-19 се лекуваат 1.298 пациенти, што претставува пораст од 36 во однос на ден претходно. На одделите за интензивна нега во „ковид-болниците“ се згрижени 202 пациенти со потешки форми на заболувањето, или пет повеќе отколку во понеделникот.
При крајот на седмицата словенечата влада би требало во договор со медицинските стручњаци и претставници на струката да решава за продолжување за уште една седмица на мерките кои се веќе на сила, но и за можно ублажување на некои од нив. Околу тоа постојат дилеми, бидејќи лекарите и епидемиолозите оценуваат дека бројот на новозаразените не се намалува како што се очекувало, а особено и поради тоа што здравствениот систем е преоптоварен бидејќи и натаму има раст на хоспитализирањата.
Првиот услов за убалжување на некои од рестриктивните мерки е бројот на новите дневни коронаинфекции да се спушти на помалку од 1.000, а минатата седмица тој изнесуваше 1.400. Една седмица претходно, пак, овој показател изнесуваше 1.303 случаи, со малку поголем удел на позитивните тестови, што сѐ уште не потврдува дека оваа седмица би можело да биде постигната посакуваната цел.
Словенечките епидемиолози наведуваат дека евентуално меѓу првите би можело да биде укината рестрикцијата којашто предизвика и најмногу контроверзии, односно забраната за напуштање на општините на живеење, освен поради работа или некои други вонредни случаи. Според епидемиолозите, таа мерка нема многу смисла, бидејќи Слвоенија нема посебно локално жариште на заразата, туку вирусот е присутен во популацијата, односно е респореден речиси правилно по сите делови од земјата.
Во медиумите се наведува и за можно попуштање на некои мерки кои би овозможиле повеќе рекреација, меѓу нив и скијањето, како и дозвола за работа на жичниците и гондолите на скијалиштата. Особено имајќи го предвид фактот што кон крајот на седмицата се очекуваат поголеми снежни врнежи на сите скијачки терени.