Службеници од Министерството за труд и социјална политика препродаваат деца!?

Основното јавно обвинителство започна истрага по допрен глас дали службеници од Министерството за труд и социјална политика барале пари во процесот на посвојување деца, потврди  министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. Постапувањето на службите на МТСП со децата штитеници во домовите и начинот на кои тие се посвојуваат во моментот е под лупа на неколку институции.

ОЈО по допрен глас може да отвори истрага и ако отвори ќе соработуваме. Министерството не е истражен орган и очекуваме надлежните институции да си ја завршат работата. Секое сомнение или јавно искажан збор дека некаде има трговија со луѓе, деца треба да се истражи – вели Царовска.

Царовска објасни дека сите информации што се побарани од МТСП  ќе бидат дадени на истражните институции, но понатаму не би ја коментирала постапката.

Според  детската амбасада „Меѓаши“  со ова се отвора Пандорина кутија за надлежните да ги истражат состојбите со посвојувањето, но и да истражат каде завршуваат децата родени од штитеничките на Клиниката за гинекологија.

Детската амбасада и Народниот правобранител сметаат дека се работи за организирана структура која со години работи.

Откако почна оваа истрага со конкретниот пример за барање на поткуп, кој беше долги години јавна тајна, но никој не се осудуваше да зборува, од сите страни пристигнуваат разни информации, Пандорината кутија наполнета со многу негативности кои имаат далекусезжни последици – изјави Татјана Гоговска, портпарол на „Меѓаши“.

Народниот Правобранител Иџет Мемети исто така отвори истрага зад која што постојат сомнежи дека е вмешана и Клиниката за гинекологија. На оваа клиника абортираат и се пораѓаат малолетните штитенички од домовите, а Омбудсманот истражува каде одат тие деца. Мемети  ја истражувал Клиниката за гинекологија уште во 2013 година, но таа истрага завршила без исход.

И ние добиваме морничави информации во однос на таквите состојби и по однос на состојбите на клиниката за гинекологија. Имаме информации дека деца од таквите центри абортираат и се пораѓаа во клиниката – вели Мемети.

Сомнежите кои Мемети ги изнесе во јавност за поврзаноста помеѓу Министерството за труд и Клиниката за гинекологија, според Меѓаши, би значело дека досега се манипулирало со бројката на смртност на новороденчиња.

Се манипулираше со бројката дека смртноста на доенчињата се зголемува и сите се чудеа и од гинекологија велеа дека имаат современи апарати. Дали таа смртност е реална, дали се работи за крадење на деца кои натаму се продаваат, кој е тој синџир. Имаме институција која е инволвирана – изјави Гоговска.