Смртни закани до редакцијата на бањалучкиот портал „еТрафика“

Редакцијата на порталот „еТрафика“ од Бања Лука од мај годинава добивала смртни закани преку социјалните мрежи, потврди мрежата „SafeJournalists“. Заканите се пријавени во полицијата, а предметот е доставен до Окружното јавно обвинитество во Бања Лука.

Заканите доаѓале од лице за кое порталот пред четири години објавил серија текстови во кои се посочува дека лицето вршело оперативни зафати врз куче во импровизирана амбуланта во неговиот дом.

Главната уредничка на порталот „еТрафика“ Вања Стокиќ изјави дека новинарите во редакцијата се загрижени, бидејќи заканите продолжиле независно што случајот е пријавен до полицијата.

„Мошне сме загрижени бидејќи заканите не престануваат, тој се јавува повеќе од два месеци, не престана ниту кога му се заканувавме со полиција. Посебно е вознемирувачки што во една порака ни напиша дека не одговара за своите постапки и оти нема да оди во затвор туку на лекување. Тоа значи дека тој мисли дека може да ни направи се, без последици“, рече таа.

Маја Радевиќ од мрежата „SafeJournalists“ за БиХ посочува дека од Обвинителството добила одговор оти во случајот нема елементи за кривично дело оттаму што нема лични закани односно заканите биле упатувани до редакцијата на порталот.

„Ваквото објаснување е во најмала рака зачудувачки и само уште една потврда за тоа како постапуваат обвинителите кога станува збор за закани и напади врз новинари. Ако случајно вакви брутални закани беа упатени до политичар, тој што ги испратил одамна ќе беше во притвор, рече Радевиќ.