Со францускиот предлог Ковачевски и Османи го понижуваат македонскиот народ, истиот не значи почеток на преговори, изјави Ковачки

„Народски кажано дојдено е нож до коска и не може ова вака понатаму. Затоа мора да излеземе што помасовно и да дадеме поддршка на протестите затоа што ако оставиме оваа власт да ја заврши работата, знаеме како ќе ја заврши, вели Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа, додавајќи дека состојбата во која се наоѓа државата е крајно сериозна.

-Ситуацијата во која се наоѓа Македонија е крајно сериозна. И никој да не мисли дека на сила и на еден нецивилизиран и на недемократски начин ќе може да продолжи по патот по кој што тргнал со цел да го обезличи и понижи македонскиот народ, а со тоа да им ја укради иднината на идните генерации како достојни Македонци.

Ковачки истакна дека Димитар Ковачевски повторно го игнорира Собранието, актите како и Резолуцијата која што е донесена во парламентот а со која се испишуваат црвените линии за Македонија.

-Ковачевски практично излажа и на таа екипа околу него, меѓутоа тој мора да одработи зошто знаете дека он дојде на позиција без избори. Оваа власт продолжува да го негира да го игнорира Собранието, актите кои што се донесени, вклучително и Резолуцијата која што има обврзувачки карактер, рече тој.

За изјавите на Ковачевски дека власта има план и дека францускиот предлог значи иднина за Македонија и граѓаните, Ковачки смета дека тоа е всушност план за манипулација од страна на владата за како да ги излажи македонските граѓани, нагласувајќи дека предлогот не значи почеток на преговорите со Европската унија.

-Сакаат да направат еуфорија дека Македонија започнува преговори со ЕУ, дека од утре почнува мед и млеко да тече. А од друга страна гледаме дека Македонија тоне по сите параметри, на сите полиња, посебно економски, каде што граѓаните едвај крај со крај врзуваат, инфлацијата оди нагоре, цените се превисоки, и сега на овој начин сакаат да прикажат дека ќе биде подобро. Но, факт е дека нема да биде подобро, затоа што нема да се почнат преговори, потенцираше тој.

-Дојдоа со девиза за подобар живот, а сега гледаме само отворање на национални прашања, ги распродаваат и се пазарат со тие национални прашања, наместо да ја подобрат економијата, зошто на граѓаните им треба подобар живот. Како партија од 2017 та година како дојдоа на власт само овие прашања ги разговараат, зошто не се способни за ништо други, односно од една страна се неспособни, а од друга страна се криминални. Кој ќе го решава македонското национално прашање, Бујар Османи кој што е лекар, или Димитар Ковачевски кој дојде на позиција без избори, значи воопшто не излегол на избор, без никаква програма дојдоа да го решаваат оваа прашање кое што тие сами го наметнаа, потенцираше Ковачки.