Со гласањето доверба италијанскиот парламент го прифати ревидираниот буџет за 2019-та

Италијанските пратеници го прифатија во саботата доцна ноќта ревидираниот буџет за 2019 година, според минатонеделниот договор со Европската комисија, со што владата којашто ја сочинуваат крајно десната партија Лига и евроскептичното и антиестаблишмент Движење пет ѕвезди ги избегна казнените мерки од Брисел и ги примири финансиските пазари.

По два часа дискусија на претставниците на разните пратенички групи и меѓусебните обвинувања меѓу мнозинството и опозицијата, довербата на владата ѝ беше изгласана со 327 гласови „за“, 228 гласови „против“ и еден воздржан. Формалното усвојување на текстот е предвидено за неделата утрото.

Италијанскиот Сенат непосредно пред католички Божик го усвои буџетот, кој беше мачно договорен со Европската комисија, која ја отфрли првата верзија, што беше првпат во историјата на Европската унија да биде одбиен национален буџет на земја членка.

Претходната италијанска влада предводена од левиот центар вети јавен дефицит од 0,8 отсто од бруто домашниот производ (БДП) во 2019 година, а новата коалициска влада којашто на власт стапи на 1-ви јуни, предвиде дефицит од 2,4 отсто за следната година, потоа 2,1 процент за 2020 година и 1,8 отсто за 2021 година. Дефицитот од 2,4 отсто од БДП-то е во спротивност со правилата за еврозоната.

Одмерувањето на силите меѓу италијанската влада и европските власти започна на почетокот од есента, кога Рим го претстави планот за буџетот во кој предвидуваше јавен дефицит од 2,4 отсто до БДП-то, што е повеќе од она на што се обврза претходната левичарска влада. Брисел инсистира Италија да го заузди својот јавен долг кој надминува 130 отсто од нејзиниот БДП, за да ги избегне санкциите на финансиските пазари и прекршочната процедура на ЕУ. Италијанската влада минатата седмица се согласи да ја намали расходната страна и да го ревидира предлогот на буџетот со целен дефицит од 2,04 отсто од БДП-то.

Владејачката коалиција во октомври предложи експанзивен буџет кој предвидува дефицит од 2,4 отсто од бруто домашниот производ (БДП), во однос на годинешниот дефицит од 1,8 отсто, за да може да се финансира секторот на социјалната грижа и мерките за даночните реформи. Во договор со Брисел, предвидениот дефицит за следната година е намален на 2,04 отсто од БДП-то, додека предвидувањата за економскиот раст се намалени од 1,5 на 1 отсто. Сепак, економсите експерти во врска со италијанскиот буџет сметаат дека компромисот го ослабел влијанието на Брисел врз земјите членки на ЕУ и нивното придржување на европските прописи за националните буџети.

Во Сенатот во саботата пратениците од десната партија Напред Италија (Forza Italiа – FI), на поранешниот премиер Сивлио Берлускони, облекоа сини елеци за да ја испратат пораката „Стоп за даноците“, „Не ги чепкајте здруженијата“, „Не ги чепкајте пензиите“. „Од јануари, овие исти сини елеци ќе бидат на улиците на сите градови и ќе ја продолжат мобилизацијата против владата, за поинаква Италија, сериозна и работна која повторно е казнета“, вети Берлускони во писмената изјава.

Неколку десетици пратеници и активисти на Демократската партија (PD), од левиот центар која на парламентарните избори доживеа дебакл и се подели, протестираа во саботата пред Претставничкиот дом.

Новиот ревидиран буџет за 2019 година носи низа измени, но се истакнува ублажувањето на условите за заминување во пензија, што беше и клучното ветување на Лига со 3,9 милијарди евра во буџетот за 2019-та и 8,6 милијарди евра во 2020-та. Го содржи и клучното движење на Движењето пет ѕвезди (M5S) за месечна плата од 780 евра за 1,7 милиони најсиромашни семејства. Првично за таа цел беа предвидени 9 милијарди евра за 2019 година, а потоа беа намалени на 7,1 милиони евра. Движењето вети дека првите такви плати ќе бидат исплатени веќе во април, но аналитичарите оценуваат дека тоа ќе биде многу сложено и тешко.

Новиот италијански буџет носи и мерка за проштевање за лицата кои не платиле данок,меѓу 2016 и 2017 година, но го пријавиле исправно или пријавиле помалку. Во крајна линија, вкупно компаниите ќе плаќаат најмногу данок. Најмногу ќе бидат погодени банките и осигурителните компании, но двојно повеќе данок ќе плаќаат и непрофитните организации. Владата, сепак, вети дека оваа мерка ќе ја ревидира од јануари натаму.