Секој производ со изминат рок или грешка, ќе биде детектиран на самата каса во продавницата, по што веднаш ќе биде и повлечен, а сето ова е благодарение на новата генерација на бар кодови GS1.
„Новата генерација бар кодови на потрошувачот му овозможуваат да знае што купува, да биде сигурен дека пред него има квалитетен производ, а тоа ќе може да го види на каса, кога ќе плаќа“, рече Слаѓана Милутиновиќ, извршен директор на GS1 Македонија, пред денешната презентација на пилот проектот за кодовите во Стопанската комора на Македонија.
Таа нагласи дека воведувањето GS1 ќе биде минимален трошок за фирмите, особено за оние што се веќе модернизирани, што имаат најсовремена технологија, читачи, ваги,…
Главната цел на овие бар кодови, кои ќе почнат да се користат од први јануари, е зголемена заштита и безбедност на потрошувачите. Освен рок на траење, содржат и други информации за производот, како што е нето тежина во килограми изразена со три децимални места, како и број на шаржа/серија. Од нивното воведување бенефит ќе имаат сите, производителите, трговците, дистрибутерите и купувачите.
Употребата на овие бар кодови ќе овозможи многу поголема конкурентност на домашните компании и нивен сигурен настап на странските пазари.
Производите досега беа обележани со EAH-13 бар кодови, исто така од семејството GS1, прв пат воведени пред 40 години за полесна контрола на залихата. Но, бидејќи не можат да се втиснат на помалите производи, прехранбени со променлива тежина, свежо овошје и зеленчук, козметика, накит,…се наметна потребата од воведување нови, со повеќе податоци.
Изготвувањето на пилот проектот за GS1 DataBar кодовите што беше презентиран денеска, а се однесува на производите од млечната и месната индустрија, го поздрави и претседателот на Комората Бранко Азески. Тој напомена дека преку следење на светските трендови меѓу кои и имплементирањето на GS1 DataBar, македонските компании го јакнат сопствениот бренд и ја подобруваат конкурентноста.