
Со оддалечувањето на обложувалниците од училиштата и универзитетите, 98% од уплатно-исплатните места ќе бидат затворени, како и целата индустрија, изјави денеска пред Владата Васко Илиевски, претседател на Асоцијацијата на спортски обложувалници. Тој додава дека ваквото законско решение ќе го отвори патот кон сивата економија и незаконското обложување.
Министерството за финансии на 21 јануари 2021 година во Националниот електронски регистар го објави почеток на процесот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа, но Асоцијацијата за спортски обложувалници негодува.
Претходно реагираше и Движењето против коцкање, од каде велат дека треба да се направи разлика меѓу нивното движење и Асоцијацијата. Апелираат институциите да ги дислоцираат објектите за игри на среќа.
-Движењето против коцкање се разликува многу од Асоцијацијата на обложувалници. Додека ние бараме дислоцирање на објектите за игри на среќа кои ќе бидат оддалечени три километри од населените места, тие бараат „поплавување“ од такви објекти каде клиенти се главно деца и разочарани родители. Тие се прават дека се загрижени за 7.700 вработени, а забораваат на тоа колку се бедни останатите 1 милион без трошка надеж за живот кои останаа на улиците.-вели Џемаљ Абдиу.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, уште во септември најави закон за кој ќе има јавна дебата.
-Во владината програма напишавме дека ќе иницираме закон што ќе биде со јавна расправа со претставници и на граѓаните, и на приватниот сектор кои се дел од оваа област со цел да изготвиме закон кој ќе биде објективен. Целта ќе биде – нивната позиција и нивната локација да бидат подалеку од училиштата, градинките и верските објекти. Тоа ќе се направи во отворен и транспарентен процес-изјави Бесими.
Студентите направија еден „ challenge – чаленџ“, преку кој ги изнесуваат секојдневните проблемите во нивниот град. Алејна Арслани од Тетово вели дека не сака во нејзиниот град секој ден да се отвораат нови казина.
-Она што не го сакам во Тетово е постојаното отворање на нови казина и обложувалници кои се доста негативна појава-вели Арслани.