
Американските сојузници во Европа и на Пацификот вршат притисок врз Белата куќа за да ги одвратат САД да минат на принципот на неупотребување на нуклеарно оружје во рамките на американските политики за неширење на нуклеарното оружје, што според нив може да ги„охрабри“ Русија и Кина, пишува британското издание Financial Times повикувајќи се на свои извори.
Како што пишува весникот, американската нуклеарна политика од периодот на блоковската идеолошка Студена војна останува „намерно нејасна“. Теоретски САД може да изведат превентивен нуклеарен напад, така што нивните сојузници се чувствуваат заштитени со тоа што се наоѓаат под нивниот ткн „нуклеарен чадор“. Притоа се потсетува дека администрацијата на актуелниот американски претседател Џо Бајден ја анализира националната политика во однос на употребата на нуклеарното вооружување. Се очекува процените да завршат до крајот на годината.
Според упатените извори на Financial Times, САД испратиле прашалник до сојузниците со цел да го утврдат нивното расположение во однос на промената на американската нуклеарна политика. Повеќето од нив негативно оцениле каква и да е промена во оваа сфера на колективната безбедност. Сепак, бидејќи САД веќе преземаа потези спротивни на ставовите на сојузниците, како во случајот на повлекувањето на војниците од Авганистан и потпишувањето договор со Австралија за нуклеарни подморници што ја разгневи Франција која загуби повеќе десетици милијарди во евра со него, некои земји се сомневаат дека нивните интереси ќе бидат земени предвид во Вашингтон.
Според информациите кои дошле до весникот, противниците на ревизијата на постојната нуклеарна политика се Велика Британија, Франција, Германија, Јапонија и Австралија. Повеќето од нив стравуваат дека претседателот Бајден размислува за минување на принципот „една цел“, при што САД ќе можат да користат нуклеарното оружје само во конкретни околности. Според повеќето функционери од споменатите земји, таквиот принцип нема да ја зголеми стабилноста, туку само ќе ги „охрабри“ Москва и Пекинг.
„Тоа би претставувало огромен подарок за Кина и за Русија“, рекол за Financial Times неименуван европски функционер.
Покрај тоа, постојат стравувања дека сојузничките земји, како Јапонија или Јужна Кореја, може да започнат со развој на сопствено нуклеарно оружје и да предизвикаат регионална трка во вооружување.
Ова не е првпат последните години САД да ја преоценуваат можната промена на својата политика во врска со примената на нуклеарното оружје. Слично прашање покрена и 44-от претседател Барак Обама, во чии два мандата актуелниот американски челник Џо Бајден беше потпретседател, но тој се откажа од каква и да е промена поради незадоволството меѓу сојузниците и американските високи офицери.
Високи претставници на НАТО последниот период зачестено ја обвинуваат Русија дека развива планови за употреба на нуклеарното оружје, но истовремено членките на воениот блок предводен од САД не го напуштаат концептот на „превентивен атомски напад“. Истовремено Москва наведува дека нуклеарното оружје го смета за средство за воздружување на непријателски напад и заштита на својата територија, како и дека руската нуклеарна доктрина не предвидува превентивен напад. Кина, пак, ги одбива сите американски настојувања да го вклучат Пекинг во преговорите за намалување на нуклеарниот потенцијал, појаснувајќи дека кинескиот атомски арсенал е повеќекратно помал отколку на двете воени супер-сили.