Словенечкиот институт за јавно здравје во соработка со белгиските здравствени власти води истрага за трагичната смрт на младата сопруга на словенечки дипломат во Брисел која по вакцинирањето против Covid-19 добила венска тромбоза и починала од мозочен удар во болница откако повеќе дена била во критична состојба.
Словенечкиот институт за јавно здравје во соработка со белгиските здравствени власти води истрага за трагичната смрт на младата сопруга на словенечки дипломат во Брисел која по вакцинирањето против Covid-19 добила венска тромбоза и починала од мозочен удар во болница откако повеќе дена била во критична состојба.
Жената, „помлада од 40 години“, пред десет дена била вакцинирана против коронавирусот со вакцината на американскиот производител „Johnson&Johnson“ којашто се дава во една доза, а проблемите ги почувствувала по неколку дена.
Како што пренесува Словенечката телевизија, прво се појавила главоболка и жената имала отечени нозе, а на преглед кај лекар ѝ била дијагностицирана длабока венска тромбоза и ѝ била одредена терапија. Но потоа во ноќните часови добила мозочен удар и по неколкуте дена минати во критична состојба починала во болница.
Словенечкиот Национален институт за јавно здравје покренал постапка за утврдување дали компликациите и подоцнежната смрт се поврзани со вакцинирањето, односно за можните негативни нуспојави од оваа вакцина. Тоа сега го истражува стручна комисија при министерството за здравство, од каде истакнуваат дека за оцена на случајот ќе бидат важни сите информации коишто ќе ги добијат од белгиските здравствени власти.
Вакцината на „Johnson&Johnson“ е векторска исто како и онаа на англо-шведскиот производител „AstraZeneca“, а е утврдено дека во извонредно ретки случаи може исто така да предизвика крвни згрутчувања. Тоа го потврди и Европската агенција за лекови (ЕМА) којашто таквите случаи и натаму го следи.
Од ЕМА пред еден месец објавија дека соодносот меѓу ползата и ризиците од вакцината на „Johnson&Johnson“ и натаму е позитивен како што претходно објавија и за препаратот на „AstraZeneca“, иако постои можна поврзаност со многу ретки случаи на невообичаени згрутчувања на крвта проследен со низок број на крвни плочки по вакцинирањето.
Руските и кинеските вакцини против Covid-19 кои досега го немаат добиено одобрувањето од ЕМА за користење во Европа, исто така, се векторски но досега и по нивната масовна употреба во светот нема пријавени вакви несакани последици.