Современи Понтиј Пилати ја пеплосуваат македонската душа

Значењето на Охридската архиепископија е огромно и непроценливо, преку нејзината вековна мисија, македонскиот народ го зачувал својот јазик и својата идентитетска посебност. Но и после толку поминати години, за жал сеништата од минатото повторно се појавуваат и го вознемируваат македонското битие, изјави Митрополитот Повардарски, Владиката Агатангел по повод 60 годишниот јубилеј од обновата на Охридската архиепископија.

Денеска не само што се одрекува македонската црковна автокефалност,туку се негира и македонскиот национален идентитет,а се загрозува и опстојот на македонската држава. Преку перфидни предлози и лицемерни решенија му се нуди на македонскиот народ самоукинување и автогеноцид. Овие современи Понтиј Пилати и апостоли на немирот, надоградени со заслепувачка безумна омраза и високото мислење на себе, со години ја пеплосуваат македонската душа, го вознемируваат и разединуваат народот по сите основи, рече Агатангел.

Но, според него,  македонскиот народ е умен, трпелив и сталожен, ги знае своите потреби и интереси, донесува правилни одлуки тогаш кога се загрозува неговото достоинство и неговото право на живот и постоење.

Малку народи во светот како нас, Македоннците  имаат можност да прославуваат илјада години јубилеј и значајни историски настани. Ова е историски настан, а не некои, како што ни ги навестуваат. Токму Охридската архиепископија е потврда за древноста на македонскиот народ и неговата цивилизација која на Европа во наследство и оставила огромни и бесценети духовни вредности, рече Владиката.

Вчера делегатите на Архиепископскиот Црковно народен Собор изгласаа резолуција за неменување на името на Македонската православна црква.