Во московскиот научно истражувачки центар „Н.Ф. Гамалеја“, каде беше создадена првата регистрирана вакцина во светот против Covid-19, се работи на создавање нова вакцина против коронавирусот, пишува во саботата порталот РБК.
Во информацијата се наведува дека руското Министерство за здравство му одобрил на институтот развивање на препарати за превенција од Covid-19. Се истакнува дека оваа нова вакцина ќе дејствува врз основа на честичките слични на вируси (VLP, virus-like particle).
Покрај тоа, според порталот, за периодот од 2021 до 2023 година, споменатиот институт планира да пласира на пазарот препарати против Covid-19 кои ќе се базираат на синтетички ненуклеотиден инхибитор (блокатор) на протеазата на коронавирусот.
Во 2022 година, пак, би требало да се појави лек кој ќе го блокира рецепторот ACE2, кој коронавирусот SARS-CoV-2 го кориси како „порта“ за навлегување во клетките. Се претпоставува дека ова средство може во иднина да се користи за превенција и за лекување на коронавирусните инфекции.
Во моментов во Русија, како и во неколку десетици земји во светот, се користи вакцината против коронавирусот „Спутник V“, која исто така беше развиена во институтот „Гамалеја“. Овој препарат кој е развиен врз добро познатата и проучена платформа на човечки аденовирус, беше првата вакцина против Covid-19 која беше регистрирана во светот во август 2020 година, која на Западот е пречекана со голема скепса.
Според најавите, на почетокот од март во Русија ќе се применува уште една вакцина против коронавирусот „ЕпиВакКорона“ создадена врз основа на пептидни антигени развиена во државниот научен центар за вирологија и биотехнологија „Вектор“ во Новосибирск, на далечниот руски исток. Покрај тоа, за почетокот на април е најавено и пласирањето на препаратот „Ковивак“ ткн „жива“ вакцина која е развиена во научниот центар „М.П. Чумаков“ во кој се користи вирусот обработен на таков начин што може да предизвика имунолошки одговор во организмот без да има заразни својства.