СП Катар 2022: И Сенегал пресилен за домаќинот

Репрезентацијата на Сенегал го победи домаќинот Катар со 3:1 (1:0) во натпреварот од второто коло од Групата А на Светското првенство на ФИФА, одигран на стадионот „Ал Тумама“ во Доха во петокот.

Стрелец на водечкиот гол за Сенегал беше Буле Диа, кој во 41 минута ја искористи големата грешка на домашниот стопер Хоуки и од десетина метри биеше во поблискиот агол од катарскиот гол. За 2:0 стрелец беше Фамара Диедиу во 48 минута. Јакобс изведе удар од аголот, а Диедиу со глава ја упати топката под пречката.

Домашните го намалија резултатот во 78 минута, кога Мохамед Мунтари со глава по нафрлувањето од Мохамад ја затресе мрежата и со тоа стана стрелец на првиот гол на Катар на светските првенства. Радоста на домашните навивачи и надежите за голем пресврт не траеја долго, бидејќи во 84 минута Сенегал го постигна третиот гол, а стрелец за конечните 3:1 беше Бамба Диенг.

Сенегал се израмни со селекциите на Холандија и Еквадор со три бода, додека Катар е без бодови и речиси без шанси за пласман во втората фаза.

Во вториот натпревар од второто коло во групата А од 17 часот ќе играат Холандија и Еквадор.