СП кошарка: Србија подобра од САД

Србија им нанесе уште еден пораз на САД на Светското првенство во кошарка кое се игра во Кина, победувајќи со 94:89 (32:7, 12:33, 27:28, 23:21), во дуелот за пласман од 5-то и 8-мо.

Пред почетокот на првенството двете селекции беа рангирани како најсериозните кандидати за титулата и покрај бројните откажувања на главните играчи, во прв ред кај Американците, но и двете останаа без медал.

Сепак, Србите играа подобро и запишаа победа, а Американците во најдобар случај би завршиле на седмо место.

Српските кошаркари првата делница ја добија со неверојатни 25 поени разлика (32:7), но Американците се вратија во игра откако втората и третата четвртина ги добија со 21 однсно еден поен разлика. Сепак Србија последната четвртина успеа да ја добие со цел кош и да извојува значајна победа во пресметката со големиот противник.

Богдан Богдановиќ за победниците постигна 28 поени, од кои 7 тројки од вкупно 15 за цел тим. Владимир Лучиќ додаде 15, додека за САД, Харисон Барнс реализираше 22, а Кемба Вокер додаде 18 поени.