СП ракомет: За Данците трето злато, Франција и натаму најуспешна

Ракометната репрезентација на Данска стана првата во историјата која освоила три последователни светски шампионски титули, но Франција и натаму е рекордер со шест титули.

Досега шест пати се случило една од репрезентациите да ја одбрани светската титула. Французите (2009-2011, 2015-2017) и Романците (1961-1964, 1970-1974) тоа го направија двапати, а Швеѓаните (1954-1958) и Данците (2019-2021) еднаш. Но, Данците сега станаа први во историјата што врзаа три светски круни.

Серијата ја започнаа во 2019 година во Данска и Германија, две години подоцна победија во Египет, а сега на Светското првенство во Шведска и Полска.

Севкупно, тоа им е седми медал на светските првенства. Покрај три злата, тие имаат и три сребрени и една бронза.

Франција и натаму е рекордер со шест златни медали на светските првенства, а Французите имаат и две сребрени и четири бронзени медали.

Швеѓаните и Романците по четири пати беа светски шампиони, Данска има три титули, Германија, Русија и Шпанија по две, а Хрватска, Чехословачка, СССР, Југославија и Западна Германија по една.

Освојувачи на светската титула титула
6 – Франција
4 – Шведска, Романија
3 – Данска
2 – Германија, Русија, Шпанија
1 – Хрватска СССР, Чехословачка, Југославија, Западна Германија

Данска за пет гола подобра од Франција, Шпанија трета

Во финалето на Светското првенство во ракомет во Стокхолм, репрезентацијата на Данска пред 22.650 гледачи ја победи Франција со 34:29 (16:15) и ја освои третата последователна титула, откако избраниците на Николај Јакобсен до златото стасаа со осум победи и едно реми, против Хрватска.

Данците подобро го отворија натпреварот поведоа со 4:1, па 6:2, а на половина од првиот дел имаа и пет гола предност (12:7). Никлас Ландин Јакобсен беше одличен, а Симон Богетофт Питлик и Матијас Гидсел беа незапирливи. Сепак, во продолжението од првиот дел Французите ги фатија конците на играта. Реми Дезбоне се „разбуди“ и го замени Винсент Жерар на голот, а Французите ја намалија негативата на два гола минус во 24 минута (14:12), а во 28 минута на само еден гол минус со што се отиде на одморот (17:16).

На отворањето на вториот дел Франција израмни (16:16), но во 37 минута Данците повторно побегнаа на плус 3 (20:17). Франција уште еднаш се доближи до гол заостанување (23:22), а имаше контранапад за израмнување, но промаши Кентин Мае.

Во 49 минута Данците повторно имаа плус три (27:24), три минути подоцна имаат четири голови предност (30:26), а кога Ландин одбрани седмерец на три минути до крајот, резултатот беше 32:29. Во следниот напад најдобриот играч на натпреварот Расмус Лауге погоди за 33:29, со што приказната заврши. На крајот пресметката заврши со конечните 34:29.

Расмус Лауге ја предводеше Данска со 10 гола, Симон Богетофт Питлик постигна девет, а Матијас Гидсел шест гола. На крајот Ландин собра осум, а Кевин Молер три одбрани.

Кај Французите најефикасни беа Недим Ремили со шест гола, Дика Мем со пет и Мелвин Ричардсон со четири гола. Француските голмани немаа свој ден, собраа само седум одбрани, Жерад четири, а Дезбоне три.

Во мечот за третото место Шпанија ја победи Шведска со 39:36 (18:22). Актуелните европски шампиони и сопственици на среброто од последното Светско првенство во Египет беа подобри во првото полувреме кое го добија со четири разлика (22:18), но Шпанците продолжија да играат блескаво. Вториот дел го добија со седум гола за конечен резултат 39:26 и со тоа го одбранија бронзениот медал од пред три години.

Адријан Фигерас Трехо ја предводеше Шпанија до победата со девет гола, а Алекс Душебајев со седум гола, додека голманите Родриго Коралес Родал (5) и Гонзало Перез де Варгас Морено (4) собраа девет одбрани заедно.

Во шведските редови најефикасни беа Хампус Ване со девет и Никлас Екберг со седум гола. Тобијас Тулин собра шест одбрани, а Андреас Паличка седум одбрани.

За шпанската репрезентација тоа е петти медал на светските првенства, со трет бронзен и втор по ред.