Шпански истражен судија издаден налог за притворање во петокот на заговорникот за независност на Каталонија, Жорди Туруљ кој во саботата го очекуваше вториот круг од гласањето во покраинскиот парламент за избор на претседател на каталонската влада, што е знак дека Мадрид сака да предизвика уште едни предвремени парламентарни избори откако и на декемвриските партиите кои се залагаат за отцепување освоија мнозинство.
Шпанскиот суд го обвини Жорди Туруљ, како и претходно десетина други каталонски челници, за бунт против Шпанија и му ја оди можноста да плати кауција. Така всушност физички го оневозможува во саботата да се појави на расправата во парламентот во Барселона со што Мадрид ја продолжува неизвесноста во Каталонија којашто веќе три месеца не успева да воспостави влада.
Истовремено во петокот истражниот судија Пабло Љарена одреди притвор за уште четворица поранешни каталонски функционери, вклучително и за поранешната претседателка на каталонскиот парламент Карме Фодкадељ и за Раул Ромева, до неодамна главна личност за меѓународните односи на Каталонија.
За бунт против Шпанија и организирање на референдумот за независност од ланскиот 1-ви октомври обвинети се 25 каталонски функционери на коишто им се закануваат долгогодишни затворски казни. Тие беа обвинети откако на 27-ми октомври 2017 година врз основа на резултатите од референдумот кој го забрани Уставниот суд на Шпанија ја прогласија во парламентот Република Каталонија.
Во петокот судијата Љарена, откако објави дека е спроведена истрага, го потврди обвинението одобрувајќи продолжување на судскиот процес против 25-те функционери. Со тоа всушност се продолжува веќе петмесечното суспендирање на автономијата на Каталонија и таа директно се управува од Мадрид.
Трите партии за независност на Каталонија освоија најмногу пратенички места и на предвремените избори во декември, но не успеваат да воспостават влада. Прво го понудија поранешниот претседател Карлес Пучдемон кој е во егзил во Белгија и му се заканува апсење штом ќе стапне во Шпанија, а судот забрани негово именување во отсуство или делегирање на неговите овластувања на друга личност. Поборниците за независност тогаш го кандидираа Жорди Санчез, поранешен лидер на организацијата Каталонско народно собрание (ANC), но него судијата одби да го ослободи од притвор во близина на Мадрид.
Жорди Туруљ, кој досега беше на условна слобода, во четвртокот ноќта не успеа да ја добие поддршката од 68 пратеници од вкупно 135 во каталонскиот парламент. Туруљ до би поддршка од 64 пратеници додека против неговиот избор гласа 65 пратеници, а четворицата пратеници од CUP се воздржаа од гласањето. Туруљ го кандидираа две формации за независноста, Заедно за Каталонија и Каталонската републиканска левица (ERC), откако минатите седмици пропадна нивниот обид да ги кандидираат Карлес Пучдемон и Жорди Санчез. И двајцата се пратеници во парламентот, и во четвртокот не можеа да гласаат, а шпанскиот суд оневозможи својот глас да го делегираат на друг пратеник.
Меѓутоа CUP, партијата која инсистира на продолжување на патот кон прогласување независност одбива да го поддржи. Нивните четворица пратеници се воздржаа од гласањето, со што поборниците на независноста не успеаја да го изберат Туруљ. Антикапиталистичката партија го условува неговиот избор со „создавање Република“ и со откажување од статусот на автономија. Оваа партија е незадоволна од ублажувањето на ставот на довчерашните партнери, Заедно за Каталонија и ERC.
Во саботата во каталонскиот парламент требаше да се одржи вториот круг од гласањето при што на Туруљ му беше потребно само просто мнозинство на гласовите „за“ во однос на „не“ без оглед на тоа колку пратеници гласале. Меѓутоа, сега поранешниот член на владата на Пучдемон сега е спречен физичка да присуствува на парламентарната расправа што е услов личноста да биде избрана за претседател.
Сега формациите за независност ора да најдат нов кандидат, четвртиот во новиот состав на парламентот. Доколку не го најдат во следните два месеца или, пак, доколку тој не биде изгласан, Каталонците ќе мора да излезат повторно на избори.