Шпанија го повлече меѓународниот налог за апсење за Пучдемон

Шпанскиот Врховен суд објави во вторникот дека го повлекол меѓународниот налог за апсење, испратени во ноември во Белгија, со кој се бараше екстрадиција на отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон и четворица владини функционери.

Според наводите на судот, Пучдемон и четворицата членови на неговиот кабинет, кои се заедно со него во Белгија, покажале подготвеност да се вратат во Шпанија за да учествуваат на предвремените парламентарни избори во Каталонија, коишто владата во Мадрид ги распиша за 21-ви декември.

Карлес Пучдемон, Антонио Комин, Љуис, Пуич, Меритксел Серет и Клара Понсати, се обвинети за бунт против Шпанија, непослушност и користење јавни пари за организирање на референдумот за независност на Каталонија којшто го забрани шпанскиот Уставен суд. Тие заминаа во Белгија откако каталонскиот парламент на 27-ми октомври ја прогласи независната Република Каталонија, што потоа беше поништено.

Тие не се појавија на сослушувањето на судот во Мадрид на 2-ри ноември, каде што на другите осум членови на каталонската влада беа притворени, по што Шпанија распиша европски налог за апсење по нив.

Доколку Пучдемон и овие функционери се вратат во Шпанија, ќе бидат уапсени и притворени. Обвиненијата против нив остануваат на сила. Пучдемон од Белгија се кандидираше на изборите во Каталонија, а шпанскиот суд тврди дека со тоа се променило сценариото, односно дека функционерите со кандидирањето на изборите ја изразиле желбата за враќање во Шпанија. До тој момент не биле познати нивните намери.

Повлекувањето на барањето за екстрадиција следеше првиот ден од кампањата за вонредните парламентарни избори во Каталонија, најавени за 21-ви декември. Европскиот налог за апсење е повлечен откако судот одби на слобода да го пушти притворениот потпретседател на поранешната каталонска влада Приол Жункерас. Тој е лидер на Републиканската каталонска левица (ERC), партија којашто заговара независност и која според анкетите би можела да освои најмногу гласови. Со тоа нему му е оневозможено да учествува на изборите, како и на уште тројца функционери задржани во притвор крај Мадрид додека трае постапката.

Во неделата од притвор излегоа преостанатите шестмина функционери на поранешната влада откако платија кауција од 100.000 евра.

Откако каталонскиот парламент ја изгласа независноста на Каталонија, шпанската влада ја распушти каталонската влада избрана на последните избори во 2015 година. Шпанските министерства ги преземаа управувањата со каталонската администрација до предвремените избори.