Александар Спасеновски, професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за весникот КОХА зборува за уставните измени, за нашиот европски пат, новото парламентарно мнозинство, за комбинаторики и калкулации, коалицирање и политички пазари… Вели дека ВМРО-ДПМНЕ е неспорниот победник на следните парламентарни избори. Проф.др. Александар Спасеновски се споменува како еден од можните кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата
КОХА: Важите за смирен и разумен професор по Уставно Право и политички систем. Иако десничарските ставови ви се блиски, сепак, многу пати знаете јавно да им кажете на сопартијците дека со глава во ѕид не се оди. Таков е примерот со барањето за уставни измени. Додека за многумина тоа е неразумно, вие велите дека технички е возможно уставните измени да се случат и да имаат одложена примена. Спасеновски, што ќе добие Македонија и дали ова ќе биде прифатливо за Бугарија?
СПАСЕНОВСКИ: Република Македонија е предолго надвор од ЕУ и тоа има негативен одраз врз вкупниот развој на државата. Причините за тоа се повеќеслојни: од една страна, тука е неспремноста на одредени држави-членки на Унијата за нејзино проширување, како и честата злоупотреба на механизмите на одлучување на ЕУ од страна на други држави-членки. Но, од друга страна, тука е и следната група на домашни причини поврзани со отсуството на реформи и со присуство на еден лицемерен однос во кој под паролата „сега во ЕУ“ се изроди еден во суштинаанти европски систем во којимаме отсуство на примена на начелото на владеење на правото.
Пред последната етапа на македонскиот демократски развој, за жал, се испречија барањата на официјална Софија кои природно наидуваат на голем отпор од мнозинството од граѓаните. Сите изјави дека решението на историски напластените барања на Бугарија е „зад аголот“, односно дека само треба да се направат уставните измени и сé ќе биде решено е едноставно – неточно. Наспроти тоа, една одговорна власт, треба јасно да ја определи магнитудата на бугарските барања кон Македонија и кон Македонците која не е воопшто наивна и крајно трпеливо, односно филигрански да му пристапи на овој проблем, настојувајќи истиот да го реши што поповолно за државата.
Вкупно земено, во однос на ова прашање во сржта на нашата политика треба да бидат ставовите на нашите стратешки партнери како што се САД и Германија. Наспроти целата неразумност на повеќе аспекти од политиката на Бугарија кон Република Македонија, поддршката на овие сојузнички држави на нашиот европски пат, претставува сериозна варијабла која е од голема полза за да се надминат несогласувањата со официјална Софија на начин со кој ќе се заштитат македонските државни интереси, а притоа нема да се доведе во опасност динамиката на европските интеграции на нашата држава.
КОХА: Што ќе се случи ако не се донесат Уставните измени? Политичките изјави по ова прашање беа толку црни што се спомнуваше и безбедносна криза. Колку се реални ваквите сценарија?
СПАСЕНОВСКИ: Уставните измени во овој собраниски состав извесно е дека нема да се реализираат. Република Македонија полека влегува во предизборен период кој неформално ќе започне со изборот на новата влада, со што драстично се намалуваат и можностите за постигнување на консензус помеѓу партиите од власта и од опозицијата како единствен начин да се дојдедо уставни измени. Споменатотозначи дека граѓаните на изборите ќе одлучат на кој од понудените концепти ќе му дадат легитимитет: на тој на владеачката коалиција или на тој на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа смисла, гледаме дека и Албанците сé повеќе стануваат свесни дека партиите за кои тие гласаат се во расчекор помеѓу декларираните изјави за членството во ЕУ наспроти нивните конкретни постапки. Вистинското прашање треба да биде: колку граѓаните живеат подобро?
Сметам дека сите граѓани независно од нивната етничка припадност ги имаат истите сериозни проблеми бидејќи политичарите што ги водат се силни на зборови за остварување на големи државни цели, но се слаби на дела.
Република Македонија го направи демократскиот исчекор со членството во НАТО и го положи тестот на својата демократска зрелост изминатите три децении. Оттаму, овој тип на повици за наводни безбедносни кризи сакам да мислам дека имаат повеќе врска со желбата за стекнување на политички поени преку играње на картата на национализмот, што секако е лошо и за осуда бидејќи еден национализам потхранува друг национализам и многу малку треба да се изместат нештата од едно демократско тежиште. Сепак, овој тип на конфронтирачки ставови мислам дека се на маргините од нашиот политички живот и сум уверен дека тие се осудени на пропаст. Во однос на оваа тема, како апсолутно доминантен треба да се акцентира коректниот однос на најголемиот дел од партиите на Албанците во однос на стравовите на Македонците поврзани со позициите на официјална Софија.
КОХА: 2024 е година на избори. Ќе се прават комбинаторики и калкулации, коалицирање и политички пазари. Кои се моменталните разговори? Има ли можност за широка Влада со или без ДУИ, коалиција соалбанската опозиција или евентуална коалиција со Левица? Имали ВМРО-ДПМНЕ јасен план за црвенилинии?
СПАСЕНОВСКИ: Резултатите од изборите и сродноста на политичките програми на партиите ќе го определат карактерот на новото парламентарно мнозинство кое ќе ја избере следната влада. Сите досегашни сојузи ќе се распрснат како меур од сапуница кога ќе се соочат со резултатот од изборите. Тогаш ќе се случи големото ресетирање на системот после кое ќе започнат сериозните разговори за состав на идната влада. ВМРО-ДПМНЕ е неспорниот победник на следните парламентарни избори. Тоа е факт кој никој не го спори. Она што е непознато е големината на таа победа од која ќе зависат следните потези во однос на коалицирањата. Тука, пак, сакам да истакнам дека изминатите години ВМРО-ДПМНЕ трпеливо го подобрува својот коалициски капацитет, имиџ и односи со албанските партии.
Би ги потсетил вашите читатели на два факта: прво, ВМРО-ДПМНЕ на последниот конгрес во 2021 година усвои нова партиска доктрина со која јасно декларираше дека ќе негува т.н. заеднички, односно уставен патриотизам (а, не само етнички патриотизам), што претставува сериозен демократски исчекор кој заслужува да се одбележи. Оваа формулација треба да се разбере како залагање оваа партија да биде изборотза кој ќе се определат не само Македонците, туку и Албанците, но и Турците, Власите, Бошњаците, Ромите, Србите и останатите.
Заедничкиот патриотизам претставува поврзување помеѓу сите граѓани во однос на важни точки како што е образованието, здравството, науката, прогресот и економијата кои се во целосна спротивност со старите теми кои внесуваат раздор и кои се злоупотребуваат од разни страни кога им е тоа потребно;второ, промената на доктрината на Конгресот беше најавена со еден друг важен настан од 2020 година, кога под покровителство на германската фондација Конрад Аденауер, ВМРО-ДПМНЕ одржа заедничка конференција со дел од албанските партии од Македонија, од Косово и од Албанија како начин да ги изгради или да ги зајакне мостовите на меѓусебна соработка. Наспроти овој факт, сметам дека ВМРО-ДПМНЕ има и јасна проевропскаориентација која треба уште повеќе и уште поотворено да се афирмира за да не се остави простор за неосновани обвинувања од противниците. Овие два аспекта поврзани со новата доктрина и со членството во ЕУ, мислам дека многу јасно го определуваат типот на сојузниците на оваа партија после завршувањето на парламентарните избори.
КОХА: Освен парламентарни, ќе има и претседателски избори. Вашето име се спомнува дека се наоѓа на партиските анкети и дека ви се мери рејтинг. Имате ли разговарано со Мицкоски? Каков е вашиот став околу претседателска кандидатура?
СПАСЕНОВСКИ: Официјално немам разговарано со претседателот на Партијата во врска со оваа тема. Сепак, може да потврдам дека повеќе месеци наназад моето име е дел од анкетите што се прават во ВМРО-ДПМНЕ поврзани со евентуалната моја претседателска номинација. Како што и самата партија потврди во повеќе наврати, на почетната листа од 20-тина личности се наоѓа и моето име, а во меѓувреме, таа листа е драстично скусена и на неа повторно се наоѓа моето име. Овој исход претставува сатисфакција во два дела: прво, тоа претставува валоризација на моите ставови; второ, овој одличен резултат е постигнат без било какви задкулисни сугестии, лобирања или влијанија во самата партија.
Република Македонија за мене е повеќе од држава. Тоа е моето родно огниште кое идентитетски ме детерминира. Во тој поглед, нема поголема чест од можноста да се работи за државата и да се бориме за она што претставува интерес и цел за сите граѓани.
Да сумирам: внатрепартиската дебата се приближува до финалето. Какви ќе бидат резултатите од таквата дебата, не можам со сигурност да потврдам, но знам дека заедно со нашиот тим во континуитет трпеливо го афирмираме нашиот поглед на нештата и веруваме во исправниот карактер на нашите идеи! Јасните сигнали на поддршка на – верувам „тивкото мнозинство“ членови на партијата се убава потврда за ова што го говорам. Сосема на крај, да заклучам: сатисфакција би била можната кандидатура за претседател на државата, но последниот збор го има партијата и тоа го почитувам.
Целото интервју може да видите ТУКА
Автор: Џенур Исени
Извор: Коха