6.8 C
Skopje
понеделник, декември 2, 2024

Спасовски: Очекувам продолжување на дијалогот за законот за ЈО, предлогот многу скоро во Собранието

Законот за јавно обвинителство ќе биде доставен во Собранието многу скоро, изјави на прес-конференција премиерот Оливер Спасовски.

-Сметам дека токму сега е моментот сите политички партии, сите претставници на народот во Собранието да бидат на висината на сопствената одговорност, заради тоа што од една страна имаме сите заедно одговорност што ќе направиме за иднината на државата на европскиот пат на Република Северна Македонија и второ, што ќе направиме сите заедно за правдата, изјави премиерот во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Според него, завршува времето само на декларации и на изјави пред граѓаните дека некој се залага за правда.

-Тука посебно сакам да ги повикам пратениците од парламентарната опозиција, од најголемата опозициска патија да се престане со партиски калкулации, со политиканство, со ставање на своите политички, лични интереси пред интересите на државата и конечно да се вградат во еден закон што ќе значи гарантирано зголемување на правдата, гарантирано зголемување на судството на јавното обвинителство, од една страна и второ да помогнат барем еднаш сега да ги оствариме нашите интереси во делот на законот за јавно обвинителство и добивањето датум за почеток на преговорите, рече Спасовски.

Знаеме, додаде техничкиот премиер, дека тоа не е услов од страна на ЕУ за добивање датум за преговори, но оцени дека е дополнителен позитивен момент што ќе биде потребен за да ги отпочнеме преговорите што е можно поскоро.

Спасовски очекува дека овој дијалог ќе придонесе да се донесе законското решение и политиката еднаш засекогаш, како што рече, да ги тргне рацете од судството и обвинителството и преку нормално законско решение да се гарантира правдата за сите во нашата држава.

-Тоа се моите очекувања, на тоа работиме сите ние и во Владта на тоа работиме заедно со парламетнарните групи, со пратениците и целиот наш напор во наредниот период ќе биде да имаме успешност во разговорите за носењето на законот за јавно обвинителство, рече премиерот.

Соопшти дека многу скоро предлог законот ќе биде доставен до Собранието.

-Ние разговараме заедно и министерот за правда со пратеничките групи. Меѓутоа навистина сметаме дека е момент да се достави до Собранието и преку собраниската процедура да покажеме едноставно кој сака да ги поддржи перспективите и иднината на оваа држава, да ги чуеме аргументите ако има и спротивни од овие аргументи, меѓутоа тоа е една демократска дебата која е зрела и која треба да се води внатре во Собранието и тоа ќе го направиме многу скоро, рече Спасовски../МИА