Повеќе од три години трае голготата наречена „спроведување на препораките на високите експерти на Европската Комисија“ или популарно наречени препораките од Прибе. Бидејќи многу време помина од тогаш, еве само колку за потсетување дека главната цел на тие препораки беше системска реформа во која ќе бидат опфатени сите субјекти на системот за национална безбедност.
Па, така, се’ започна од најголемиот проблем во тој момент, а тоа беше уредувањето на постапката за следење комуникации, што како резултат го имаше донесувањето на нов Закон за следење на комуникации, но и формирање на посебна институција која треба да служи како медијатор при следењето комуникации, а тоа е Оперативно техничката агенција (ОТА). За првпат, со оваа реформа се воведе и формирање на Советот за граѓански надзор, кој е тело кое покрај собраниската комисија, ќе може да врши надзор над спроведувањето на мерката следење на комуникации. Имаше одредени несогласувања во неколку инстанци при формирањето на овие законски норми, птотоа со големо внимание од јавноста се следеше и изборот на првиот директор на ОТА, но на крај, ете, се’ заврши таа работа и од 1 ноември 2018, стапија на сила новите законски одредби. Дали во иднина ќе видиме одредени афери со прислушување, како што впрочем ни стана навика на неколку години да се чудиме и прашуваме како можеле да се случат, останува времето да покаже.
Сега пред Република Македонија е нов предизвик, можеби во делот на безбедносните реформи и најголемиот, ако се изземе онаа реформа од 1995 година кога се формираше Агенцијата за разузнавање, па дел од ингеренциите на тогашната Служба за државна безбедност (СДБ) кои се однесуваа на надворешното разузнавање, преминаа на новоформираната Агенција за разузнавање, а тоа е реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Огромните афери кои ја тресеа УБК, која Претседателот Иванов со право ја нарече „генератор на кризи“, и сериозните последици од тие афери, како нарушен углед и репутација на Управата, загриженост кај граѓаните за нејзината професионалност и нарушен меѓународен углед и за службата и за државата, веќе подолг период претставуваа дополнителен поттик за нејзина реформа.
И, таман, кога сите помисливме дека еве ја научивме лекцијата и ќе се поправиме, следува нов шок и ново изненадување. Пред нас е презентиран нов закон, кој треба да ја конципира реформата на УБК, и да го спроведе во дело избраниот модел за реформа на безбедносно-разузнавачката заедница, модел кој опфаќа отстранување на УБК од составот на Министерството за внатрешни работи и формирање на нова институција која ќе го преземе делокругот на работа на УБК, но ќе биде институција која нема да ги задржи концентрацијата на моќ и монополот кој го имаше УБК, како и лошите критериуми за избор и управување со човечкиот фактор, што беше забелешка и од Прибе.
За жал, мора да се констатира дека со предлог работниот текст на законското решение не се отстрануваат забелешките на високите експерти на Европската комисија и можностите за идни злоупотреби кои директно би придонеле кон ограничување на слободите и правата на граѓаните.
Според самиот наслов на Законот за Агенција за внатрешно разузнавање, очигледно е дека воопшто не се прави терминолошка разлика меѓу поимите безбедност и разузнавање. Доколку се разгледа текстот на законот, очигледна е намерата од орган во состав на МВР (поранешната УБК), кој беше задолжен за собирање на докази за кривични дела против државата, сега да се направи една трансформација на овој орган во нов разузнавачки домашен субјект, со што всушност ќе се легализира досегашната лоша практика на употреба на средства и методи за остварување лични, партиски или други цели, што да потсетам беше основа за досегашните безбедносни и политички кризи. Широката надлежност на новата служба, која е предвидена во работната верзија на Законот за Агенција за внатрешно разузнавање, како и различните толкувања на определени поими (како на пример поимот “национална безбедност”) претставуваат основа за злоупотреба, несовесно работење и дејствување надвор од законскиот мандат. Воедно оваа широка надлежност предизвикува судир, преклопување и узурпирање на надлежност на други државни органи кои ќе треба да се стават во положба на потчинетост на Агенција за внатрешно разузнавање.
Ваков епилог е апсолутно недозволив и треба да се направи итно преоценување на предложените законски решенија, и да се земе во предвид дека реформските закони од областа на безбедноста и одбраната треба исклучиво да се водат низ транспарентна постапка, консултација со опозицијата и со граѓанското општество, како и задолжителен дијалог со академската и стручна јавност. Само преку еден ваков приод и широка дебата ќе може да биде изграден национален консензус по ова многу важно прашање, кое неколку пати досега успеа да ја клекне на колена цела држава.
Автор: Александар Нацев за НетПрес