Градоначалникот Иво Дујмиќ и претседателот на Градскиот совет на град Опатија Фернандо Киригин потпишаа специјално овластување со кое угледниот дипломат со адреса во Опатија, д-р сц. Срѓан Керим го овластуваат да ја претставува Опатија во развојот на меѓународната соработка и партнерство со институции и поединци кои активно ќе го промовираат меѓународниот углед на Опатија. Заедничката цел е да се запише Опатија на мапата на престижни конференциски центри во Европа и светот.
– Градот Опатија е стратешки фокусиран на натамошна меѓународна афирмација, не само како туристичка дестинација, туку и да привлече внимание од европски размери и низ целиот свет и со други активности кои ќе го сместа меѓу конференциските центри со меѓународно реноме. Најновите странски инвестиции во нашиот град секако ќе дадат поттик за развој на Опатија, но самиот град ќе даде свој придонес во понатамошната афирмација на Опатија и надвор од границите на Хрватска преку организиран пристап и ангажирање на луѓе со меѓународно реноме. Ова го должиме на богатата традиција на нашиот град и зачувувањето на имиџот на градот во кој се роди хрватскиот туризам, рече градоначалникот Дујмиќ при потпишувањето на овластувањето.
– Градот Опатија за свој претставник го избра токму д-р Срѓан Керим, како еден од најистакнати граѓани, кој долги години живее и работи во Опатија. Неговото долгогодишно дипломатско искуство, секако, ќе ја отвори вратата на меѓународна дипломатија за Опатија и ќе влијае на подобрата видливост на нашиот град во Европа и во целиот свет. На Опатија и е потребна промоција и сакаме нашиот град да стане препознатлив во европски и светски размери, рече претседателот на Градскиот совет Киригин.
– Во мојата долга дипломатска кариера од 40 години живеев во 10 градови, во светски метрополи како Њујорк, Париз, Берлин, Минхен, Лондон, Виена, Белград и Истанбул. Посетив 128 земји и не го велам ова од субјективни причини: Хрватска е една од најубавите земји во светот, а Опатија е бисер на Хрватска и Медитеранот. Имаме една убава приказна што сакаме да ја раскажеме со цел Опатија да стане европски конференциски центар. Јас сум многу среќен што ги прифаќам овие обврски, а моето најголемо професионално задоволство отсекогаш биле резултатите. Сакам да придонесам за напредокот од кој ќе имаат корист и градот и граѓаните, рече Срѓан Керим за Опатија.хр.
Д-р сц. Срѓан Керим е роден во 1948 година во Македонија. Во својата исклучително богата дипломатска кариера, тој имаше многу високи функции на меѓународно ниво. Тој беше, меѓу другото, претседател на Генералното собрание на ООН во 2007/2008 година. Сега е член на Советот на претседатели на Генералното собрание на ООН. Тој работел како министер за надворешни работи на Македонија, помошник министер за надворешни работи на поранешна Југославија, амбасадор во Германија, Швајцарија, Лихтенштајн и Обединетите нации во Њујорк. Академската кариера на Срѓан Керим е обележана како професор на Универзитетите во Белград, Хамбург и Њујорк. Автор е на 12 книги на седум јазици од областа на меѓународната политика и економијата. Напиша и две збирки поезија. Тој беше потпретседател на швајцарско-француската компанија за трговија со нафта „Копечим“, извршен директор на германската медиумска групација „Вестдојче алгемајне цајтунг“ за Југоисточна Европа со седиште во Виена, потпретседател на мултинационалната логистичка компанија „Еколог интернешнл“, голем снабдувач на НАТО, американската војска, германскиот Бундесвер и британското министерство за одбрана и многу светски компании.Тој е носител на највисоките државни одликувања на Германија, Италија, Австрија, САД и низа други земји. Зборува седум странски јазици, вклучувајќи ги англискиот, германскиот и францускиот јазик. Тој е почесен член на познатиот Метрополитен клуб од Њујорк.
Извор: Опатија.хр