Средба на Џафери со унгарскиот амбасадор Иштван

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на Унгарија во Македонија,  Лазло Иштван.

На средбата, како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери го запозна амбасадорот на Унгарија  со престојните работни активности на Собранието, како што е разгледувањето на повеќе законски измени наметнати од пандемијата со Ковид-19, потоа активностите поврзани со европската агенда и отворањето на првите поглавја кон крајот на оваа година, а го извести и за заокружувањето на функционалноста на Собранието со формирање на делегациите за мултилатерална соработка и на групите за билатерална соработка.

Амбасадорот Иштван му го честитал реизборот на претседателот Џафери и го поздравил формирањето на Владата и функционалноста на Собранието.

Во соопштението се посочува дека Иштан потврди дека државата ќе продолжи да добива финансиска и економска поддршка од Унгарија, имајќи предвид дека има напредок во оваа сфера, а додаде и дека ќе продолжи со поддршка на планот за справување со мигрантите на јужната граница каде што унгарски полициски офицери патролираат заедно со нашите полициски сили и успешно се справуваат со безбедносните предизвици. На тој начин, Македонија, иако не е земја-членка, ја штити надворешната граница на Европската унија, а воедно и придонесува кон регионалната и европската безбедност и стабилност.

Унгарија, истакнал Иштан, целосно се залага за проширувањето на Унијата и дава голема поддршка на отпочнувањето на процесот на преговори на земјата со Европската унија.