Српскиот министер за образование поднесе оставка по масакрот во основното училиште

Српскиот министер за образование Бранко Ружиќ во неделата поднесе оставка, наведувајќи дека тоа го прави „поради катастрофалната трагедија“ во училиштето „Владислав Рибникар“, каде во средата 13-годишен ученик уби осум соученици и еден чувар, а рани уште шест ученици и една наставничка.

„Ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата министер за образование во Владата на Република Србија“, напиша Ружиќ на Twitter и објави копија од писмото со денешен датум што ѝ го испратил на премиерката Ана Брнабиќ.

Ружиќ претходно во неделата утрото се потпиша во Книгата на жалост, отворена во училиштето „Владислав Рибникар“, оддавајќи им почит на загинатите.

Во текстот на оставката тој наведува дека како „одговорен и воспитан човек“ поднесува неотповиклива оставка од функцијата министер за образование и дека, како што наведува, ова е „единствената рационална и чесна одлука во овие околности“.

Ружиќ изјави и дека премиерката „запознаена со фактот“ дека ја понудил својата оставка истиот ден кога се случи трагедијата во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.

„Оставката е личен, но и политички чин во развиените демократски општества, а во нашиот регион многу често е знак на слабост. Нека суди јавноста“, рече Ружиќ.

Нагласува дека „уште еднаш во неискажлива болка“ изразува најдлабоко сочувство до најблиските на загинатите – „нека ангелчињата почиваат во мир и Господ нека ни е на помош вакво нешто никогаш повеќе да не се повтори“.

„Драматичните слики од настаните од училиштето, солзите пролеани при изразувањето сочувство до неутешните родители на повредените деца ќе ги носам како печат на мојата душа до крајот на животот“, рече Ружиќ.

Согласно Законот за Владата, оставката поднесена од министерот премиерот ја испраќа до претседателот на Народното собрание, а парламентот на првата наредна седница „без расправа забележува дека министерот поднел оставка. и со тоа му завршува мандатот“.