Стапи во сила осмата рунда европски санкции кон Русија

Европската унија воведе нови трговски санкции кон Русија и го прошири списокот на луѓе чии средства ги замрзнува и забранува патување на територијата на блокот како дел од осмата рунда санкции што стапија на сила во четвртокот.

Новите мерки, објавени во Службениот весник на ЕУ, „се одговор на руската ескалација во нелегалната војна против Украина, што јасно се манифестира во анексијата на украинските територии по срамните „референдуми“, во мобилизацијата на резервите и заканата од нуклеарно оружје“, објави Европската комисија.

Санкциите носат ограничување на цената на руската нафта, по што следува и забрана на граѓаните на ЕУ да заземаат позиции во управни одбори или раководства на компаниите кои припаѓаат на руската држава.

Највисоката цена на нафтата допрва треба да биде договорена со Г7 и мора да биде едногласно одобрена од сите 27 членки на Унијата.

Осмата рунда санкции против Москва што Европската унија ги носи од почетокот на руската агресија врз Украина на 24 февруари, воведува нова забрана за увоз во износ од 7 милијарди евра, со цел да се намалат приходите на Русија.
Со санкциите се забранува увоз на производи од челик, машини и уреди, пластика, возила, текстил, обувки, кожа, керамика, одредени хемиски производи и незлатен накит.

Новите ограничувања во областа на извозот имаат тенденција да ги намалат развојните способности на Русија во одбранбената индустрија и безбедноста. Тие вклучуваат и „забрана за извоз на јаглен, некои специфични електронски компоненти, технички производи за воздухопловната индустрија, одредени хемиски производи.

Дополнително, на црната листа, на која сега има 1.300 имиња, беа додадени триесет и седум лица и субјекти, а им беше замрзнат имотот и им беше забранет престој на територијата на Европската унија. Лицата и субјектите додадени на списокот се „вклучени во руската окупација, нелегална анексија и спроведување на лажни „референдуми“ во окупираните региони Доњецк, Луганск, Керсон и Запорожје. Меѓу нив има високи функционери и воени офицери, како и компании кои и помагаат на руската војска.

Со осмата рунда санкции, ЕУ ги зајакнува санкциите во областа на криптовалутите и услугите. Санкциите вклучуваат целосно ембарго за увоз на руска сурова нафта по морски пат.

„Ограничувањето на цената, кога ќе почне да се применува, ќе им овозможи на европските оператори да обезбедат транспорт на руска нафта до трети земји, под услов цената на таа нафта да биде пониска од највисоката утврдена цена“, наведуваат од Комисијата.

Оваа мерка договорена во соработка со партнерите од Г7 (Група на 7 најмоќни економии во светот) „стапува на сила на 5 декември 2022 година за сурова нафта, односно на 5 февруари 2023 година за рафинирани нафтени деривати“ по нова одлука на Советот на земјите-членки.