Банките да им дадат поголема поддршка на приватните фирми, бидејќи се стабилни и ликвидни и нема причина да не се зголеми кредитната активност, рече денеска вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, на ФИНЕКСПО 2013.
„Порастот на кредитите од 4-5 проценти можеби не е доволен, но не е лош за оваа фаза, но еден од проблемите е што најголемите банки се со понизок раст од овој, а растот го генерираат главно средните банки во Македонија“, рече Ставрески, нагласувајќи дека треба да се преиспитаат политиките на овие неколку најголеми банки и тие да дадат придонес за раст на приватниот сектор.
Економскиот раст во услови на криза во Европа е таков каков што е, рече тој, што се базира на глобални инвестиции и извоз од компании што работат во зоните, но долгорочно гледано потребно е поголема поддршка на банките на приватниот сектор.
Според претседателот на Здружението на банкарство, при Стопанската комора на Македонија, Ѓорѓи Јанчевски, банкарскиот сектор има доволна ликвидност и за поддршка на проектите од фирмите и за купување на државни и благајнички записи.
„Воопшто не штети на кредитирањето на фирмите бидејќи има пари и за двете страни. Државата има една милијарда евра во државни записи и обврзници од кои 582 милиони се на банките. Тоа не пречи на кредитирањето на фирмите бидејќи има доволна ликвидност. Тие се краткорочни средства и може да се пренаменат доколку има добар проект“, рече Јанчевски, истакнувајќи дека од јули е забележано позитивно придвижување на кредитирањето на фирмите.
Тој очекува следната година да се засили кредитната активност на банките.