Светската трговска организација (СТО – WTO) објави дека го одложува својот прв министерски состанок по четири години поради влошувањето на епидемиолошката ситуација, со што стана и првата голема дипломатска „жртва“ на новиот сој на коронавирусот именуван како „омикрон“.
Министрите на земјите членки на СТО требаше да се соберат следната седмица на состаникот кој се смета и за голем тест за важноста на оваа организација. Нов датум засега не е одреден.
Од СТО откажувањето го образложија дека членките доцна во петокот се согласиле да ја одложат министерската конференција, откако новата варијанта на коронавирусот предизвика многу земји да ги ограничат патувањата, па така многу министри ќе бидат спречени да допатуваат во Женева каде требаше да се одржи средбата.
Швајцарија, каде што во Женева е седиштето на СТО, во петокот ги забрани директните летови од повеќе земји од јужна Африка и воведе тестирања и карантин за патувањата од другите земји, вклучително и од Белгија, Хонгконг и Израел, кои пријавија дека идентификувале зарази со „омикрон“ варијантата на коронавирусот.