Што значи да се биде пансексуалец

Многумина не знаат дека се пансексуалци се додека некој не им објасни што тоа значи. Луѓето кои се идентификуваат на овој начин тврдат дека не ги привлекува полот, туку личноста на партнерот и не се ограничуваат со тоа да им се допаѓаат само мажи или жени, бидејќи предвид доаѓаат и едните и другите.

Пансексуалноста, која често ја нарекуваат и омнисексуалност, е состојба на духот. Всушност, пансексуалноста е сексуална привлечност, романтична љубов или емоционална привлечност кон луѓето од сите родови, идентитети и полови.

Многу познати личности се имаат декларирано како пансексуалци, а некои од нив се Лејди Гага, Мајли Сајрус, Мадона, Кара Делевињ, Кристен Стујарт, Езра Милер и Сиа.

Пред да станам популарна и позната секогаш кажував дека се гледам и со мажи и со жени и се што е помеѓу. Не ми е важно кој пол си, важна ми е личноста на човекот. Отсекогаш сум била…флексибилна е правиот збор со кој би се опишала, вели Сиа

Магазинот „Космополитен“ ги пренесува разликите и фактите за пансексуалците.

  • Да се биде пансексуалец не е исто што и бисексуалец

Иако постојат многу сличности меѓу овие два поима, сепак има разлики кои ги раздвојуваат. Бисексуалците се луѓе кои чувствуваат привлечност кон двата пола, додека пансексуалците воопшто не обрнуваат внимание на полот, туку ги привлекува само нечиј карактер и енергијата со која личноста зрачи. Разликата помеѓу пансексуалноста и бисексуалноста не е очигледна на прв поглед, но таа сепак постои.

  • Пансексуалците не се „збунети“

Тие тврдат дека знаат кои се и дека знаат што може да им се допадне. Исто така, тие имаат свој тип на личност со која сакаат да бидат и тешко им е да ја пронајдат. Свесни се дека можат да бидат и со мажи и со жени, па не се чувствуваат збунето во однос на сексуалноста.

  • Не можат да бидат „со било кого“

Многумина грешат кога велат дека пансексуалците можат да бидат со било кого. Пансексуалците велат дека најчесто ги прашуваат: Тоа значи дека не бираш со кого ќе бидеш? Тоа може да биде апсолутно кое и да е суштество кое ќе ти се допадне? Тие тврдат дека таквите прашања немаат никаква врска со реалноста. Тие бираат само луѓе кои ги привлекуваат со карактерот и однесувањето и само со нив сакаат да остварат интимен однос.