Местото на сите земји од Западен Балкан е во Европската Унија, е пораката со која бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, им се обрати на своите колеги од Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија, на билатералните средби што вчера се одржаа во Брисел, соопшти прес-службата на бугарското МНР.
Првите дипломати од земјите од Западен Балкан престојуваа во главниот град на Белгија за да учествуваат на работниот состанок на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Бугарија и Косово имаат блиски, пријателски и искрени односи, изјави бугарскиот министер за надворешни работи на средбата со косовската вицепремиерка и шефица на дипломатијата Доника Гервала-Шварц. Двајцата соговорници се согласија за потребата од јасна европска перспектива за земјите од регионот, вклучително и Косово.
Бугарија и Црна Гора денеска имаат силни историски врски и односи кои динамично се развиваат, рече министерот Стоев во разговорот со црногорскиот прв дипломат Ѓорѓе Радуловиќ. Радуловиќ се заблагодари за поддршката што неговата земја ја добива од Бугарија во процесот на европска интеграција.
-Во 2022 година ќе одбележиме 30 години од признавањето на Босна и Херцеговина од страна на Бугарија како суверена и независна држава. Загрижени сме за моменталната ситуација во земјата и повикуваме на конструктивен дијалог, целосно функционирање на институциите и продолжување на реформскиот процес. Бугарија го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина, истакна министерот Стоев на разговорот со босанската колешка Бисера Турковиќ. Таа го информираше шефот на бугарската дипломатија за тешката политичка ситуација во земјата и за проблемите со кои се соочува. Министерката Турковиќ и се заблагодари на Бугарија за поддршката на Босна и Херцеговина.
Енергетската соработка и надминување на тешките социјални и економски последици од пандемијата во услови на поскапување на енергенсите и потребата од преземање мерки за поддршка на бизнисот и домаќинствата беа главните теми на разговорот меѓу бугарскиот министер за надворешн и работи и неговиот српски колега Никола Селаковиќ.