Стоилковски: Ниту збор за „Глобал“ од надлежните институции, а комоли некој да преземе одговорност!

Цела недела нема ниту збор од надлежните институции за пожарот во „Глобал“ во Струмица. Нема информации за причината за пожарот, но уште пострашно нема ниту збор за одговорност за ужасниот факт дека во овој јавен објект на општината нема соодветна ПП заштита, реагира денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

– А, за тоа има една единствена причина: објектот „Глобал“ е дело и во заштита на Зоран Заев! Ниту при градбата е водено сметка за стандарди, ниту инспектори смееле да работат, ниту потоа при легализацијата е водено сметка за противпожарната заштита! И никој не смее ниту денеска да писне! – рече Стоилковски.

Тој потсети дека Антикорупциската комисија самата отворила предмет за случајот „Глобал“ за вмешаноста во можни корупциските дејства на Заев, ама трета година молчи за овој скандал, ниту соопштува зошто го отворила, ниту какви наводи има. Антикорупциска не смее да писне за никого во близина на Заев, а не пак за Заев директно и тоа се покажува, додаде Стоилковски.

– Или институциите ќе застанат јавно со посочување на одговорност кај оние што го граделе и толку години не воделе сметка, доведувајќи бројни животи во опасност, или ќе станат соучесници во некој иден пожар со смртни последици, бидејќи молкот е таа единствена порака! Кој градел вон стандарди? Што е со одговорноста на урбанистичкиот и градежен инспектор? Кој е одговорен за контрола на ПП систем со години во „Глобал“? Со ваква премолчана аболиција за загрозување на сигурност и предизвикување на општа опасност, не е ниту чудо што криминалци и убијци се пуштаат на слобода! После ваков молк, ЈО и судот во целост покажуваат дека се клекнати пред диктаторот. После ваков молк за „Глобал“, нивната порака гласи – ничиј човечки живот не вреди колку власта и неказнивоста на диктаторот! Молкот на институциите сега за „Глобал“ е соучесништво во некој иден сличен пожар во кој што за жал може да има и човечки жртви – предупреди Стоилковски.

Тој потврди дека со одлука на последниот извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ, проф. Александар Даштевски, ја доби поддршката за предлог за нов претседател на ДИК.