![наум стоилковски](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/09/naum-stoilkovski.jpg?resize=654%2C408&ssl=1)
Наместо преку иницијатива За татковината со љубов да прават маркетинг и да прават маска за задскривање на неуспесите на премиерот Зоран Заев, треба да си одат заедно со него од власта, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ на платформата на вицепремиерот Фатмир Битиќи „За татковината со љубов“ во која економисти и професионалци даваат свои мислења за начинот како земјата економски да се развие.
– Ниту сто иницијативи да направат, ниту сто тела да соберат, не се способни за никаква реформа. Тоа го покажуваат веќе четири години. Веќе имаат две тела оформено за реформи, едно кај Нина Ангеловска, а друго во Владата и ова е признание дека ништо не сториле. А ниту ова што сега го најавуваат нема ништо да направи – рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на денешната прес-конференција.
Според него, се што гледаме е гол маркетинг и ова е продолжение на тие неуспешни демагогии.
– За татковината со љубов не е да се продава идентитетот за приватни бизнис интереси како што тоа го прави Зоран Заев. За татковината со љубов е да се свика лидерска средба, а не Заев сам да договара и ветува откажување од идентитетот во тет а тет средби со Бојко Борисов. За татковината со љубов е да се постават црвените линии за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. За татковината со љубов велат, а Зоран Заев сака да заврши со парите во џеб од продажбата на Иловица на бугарски газди. За татковината со љубов, а вчера се загубија 46 животи поради неспособноста во справувањето со корона вирусот – рече Стоилковски.
Стоилковски побара оставка од Заев, а не да се прикриви зад ваков вид маска.
– Ова е само глума дека се работи за татковината со љубов, бидејќи се што прават, прават спротивно.
Велеа дека претходно било режим, а околу себе се екипираат и ги собираат како засилување токму луѓето кои што ги посочуваат како дел од режимот. Тука се важни две работи, или треба да се извинат што лажеа дека наводно било режим или да побараат прошка од народот или ако сѐ уште мислат дека било режим да објаснат што прават тие луѓе сега со нив на маса.Во државата постои хистерија единствено во криминалот и лагите на Зоран Заев кои што носат загуби на Македонија и на македонскиот народ – рече Стоилковски..