Странските припаднички на сунитската џихадистичка групација Исламска држава (ИД) се обиделе да ги нападнат другите жени кои ги сметаат за „невернички“ во бегалски логор на североистокот од Сирија, во обидот да им ги наметнат своите ставови за исламот, јавува новинарот на Reuters кој го посетил ал-Хол.
„Викаа на нас дека сме невернички поради тоа што ги покажуваме лицата… Се обидоа да нѐ гаѓаат“, рекла Сиријка во логорот ал-Хол, во кој се наоѓаат и многу странски жени и деца кои таму пристигнале од Багуз, последното упориште на Исламската држава во источна Сирија.
„Странските жени фрлаа камења. Ги пцуеја Сиријките и Ирачанките, а потоа и службениците во логорот. Дури и децата се закануваа“, рекол еден од служебениците во логорот.
Чуварите стрелале во воздух за да го прекинат судирот.
Некои од жените кои последните седмици стасале во логорот од Багуз искажуваат силни симпатии за Исламската држава.
Мазин Шеки, службеник во бегалскиот логор, рекол дека странските жени кои имаат врски со Исламската држава се одвоени „за да не се мешаат со другите“. „Ги ставаме одвоени за да спречиме да дојде до проблеми со раселените жени“, додал и посочил дека и туѓинките често меѓусебно влегуваат во конфликти.
Шеки истакнал дека „ситуацијата во логорот е бедна. Бегалците ги има сѐ повеќе и се обидуваме да ги задоволиме потребите колку што можеме, но потребна е помош“. Истакнал дека сите шатори се полни, луѓето спијат на отворено.
Логорот е пренатрупан, нема храна и лекови. Хуманитарните службеници предупредуваат на можни епидемии, а десетици деца умреле уште на пат кој ал-Хол. Претходните денови сириски невладини организации јавуваа дека западните војски во областа на логорот ги блокирале движењата на групи бегалци.
Во моментот во логорот се наоѓаат 62.000 луѓе, далеку над неговиот капацитет, предупредија Обединетите нации во петокот. Повеќе од 90 отсто од новодојдените се жени и деца.