Спроведен е јавниот повик за субвенции за печки на пелети, информираше на денешната прес конференција министерот за економија, Крешник Бектеши.
Како што кажа тој, оваа година субвенции ќе добијат 454 домаќинства кои аплицирале до 6 март. Согласно мерката, домаќинствата со ниски примања добиле субвенции во износ од 75% од цената, но не повеќе од 25.000 денари, додека останатите апликанти добиваат поддршка во износ од 50% од трошоците за набавка на печки на пелети, но не повеќе од 20.000 денари.
Целта на мерката, додаде Бектеши, е стимулација за употреба на поеколошки енергенси за загревање на домовите.
Имињата на добитниците на субвенциите од оваа мерка ќе бидат објавени на веб страната на министерството најдоцна до 8 мај.
Бектеши информираше и дека се завршени јавните повици за субвенции за занаетчии, за кофинансирање на проекти за развој и промоција на занаетчиството, за поддршка на микро, мали и средни претпријатија и други, а сѐ уште е отворен повикот за апликација за помош за ангажирање чираци во занаетчиството.