Сугарески се сретна со претставници на КФВ банката, ќе соработуваат на локално ниво

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески оствари во средата работна средба со претставници на КФВ банката, предводени од Кристоф Тискенс, директор за Југоисточна Европа и Турција при што се разговараше за зголемување на соработката меѓу министерството банката во делот на дополнителна поддршка за изградба на канализациони и водоводни мрежи во општините во Република Македонија.

Министерот Сугарески го отвори и прашањето за дополнителна соработка во насока на финансиска поддршка за изградба на локални патишта во општините во Република Македонија.

„Министерството за транспорт и врски со КФВ банката досега има успешна соработка. Во таа насока, на денешниот состанок побарав дополнителна поддршка за проекти во делот на локалната патна инфраструктура. Се надевам дека претставниците на КФВ детално ќе го разгледаат и ќе го прифатат овој предлог“, рече Сугарески.

Како резултат на соработката меѓу КФВ и Министерството за транспорт и врски, обезбедени се вкупно 8 милиони евра од кои 5 милиони евра се грант неповратни средства за подобрување на водоснабдувањето во општините Радовиш, Кавадарци и Гевгелија.

На крајот на средбата министерот Сугарески изрази голема благодарност за досегашната соработка со КФВ банка.
Министерството за транспорт и врски и понатаму ќе продолжи со спроведување на мерки и политики во делот на комуналната инфраструктура сè со цел подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните на Република Македонија.