Нанмадол, еден од најсилните тајфуни кои некогаш ја погодиле Јапонија, во неделата го зафати на јужниот остров Кјушу, објави Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА) предупредувајќи на силни ветрови и високи бранови.
Станува збор за 14-от по ред пацифички тајфун сезонава но и далеку најмоќен кој ја погодил Јапонија, а пристигнал со рекордни врнежи, додаваат од ЈМА и предупредуваат дека поради обилните дождови реките би можеле да се излеат.
Во следните 24 часа се очекува дека островот Кјушу ќе биде залиен со 400 милиметри дожд, и удари на ветрот до 234 километри на час, а се предупредува и дека во централниот регион Токаи ќе наврнат до 300 милиметри дожд.
Тајфунот предизвикал штети на југот на островот, а урнати се автобуски постојки и скршени прозорци. Откажан е и железничкиот и воздухопловниот сообраќај, а познатиот трговски синџир „Seven-Eleven“ привремено ги затвори своите околу 950 продавници.
Локалните власти поради налетот на тајфунот издадоа „специјално предупредување“, а најмалку четири милиони луѓе се предупредени дека траба да се евакуираат. Кјушу е најјужниот јапонски остров со околу 13 милиони жители.
Јапонската јавна телевизија NHK, повикувајќи се на податоците на локалните власти, информираше дека повеќе од седум милиони добиле препорака да се засолнат во цврсти објекти.
Според прогнозите, невремето ќе скршне кој истокот на Јапонија и ќе мине над главниот јапонски остров Хоншу, пред до средата да стаса до океанот. Обилен дожд е забележан и во главниот град Токио, а подземната железница „Tozai“ е поплавена и сообраќајот е прекинат.
Тајфунот Нанмадол може да биде со најлоши последици по тајфунот Џеби кој во 2018 година усмрти 14 луѓе, како и тајфунот Хагбис кој во 2019 година предизвика прекин на електричната енергија во речиси целата земја. Јапонија е добро подготвена за вакви силни невремиња, но научниците предупредуваат дека поради промените на климата, бурите стануваат сѐ посилни и поразорни.