Свечено отворање на школата за млади лидери во Охрид

Денеска е свеченото отворање на петтата школа за млади лидери која ќе се одржува од 19 до 28 август во Охрид по иницијатива на претседателот Ѓорѓе Иванов.

Школата ќе ја отвори Иванов, а ќе се обратат и  поранешниот претседател на Република Србија Борис Тадиќ, сенаторот во Парламентот на Канада Доналд Мередит, заменик-претседателот на телекомуникациската компанија ЗТЕ задолжен за Европа Ксиао Минг и професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Зоран Илиевски.

Идејата на претседателот Иванов е да им се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

Програмата на Школата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.

Годинава ќе гостуваат вкупно 20 реномирани предавачи од врвни образовни и професионални институции, кои ќе ги пренесат своите искуства и видувања за лидерството на вкупно 40 учесници на обуката.