Светска премиера на документарен филм за Дарко Панчев под покровителство на Универзитетот Скопје

Во понеделник во Александар Палас, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција и светско премиерно емитување на документарниот филм „Патот на Кобра до ѕвездите“, посветен на нашата гордост и фудбалска легенда, Дарко Панчев.

Под генерално покровителство на Универзитетот за туризам и менаџмент, сега со ново име Универзитет Скопје, овој филмски документ со историска вредност за македонскиот спорт е соорганизација и копродукција на Спорт клуб телевизија, Спортско радио 90,3 и Спорт нетворк продукција. Настанот е од затворен карактер.

„Патот на Кобра до ѕвездите“ е филм за подемот на македонскиот спортски бренд Дарко Панчев до европскиот и до светскиот трон. Панчев е еден од најдобрите голгетери на светот во осумдесеттите и на почетокот на деведесеттите години на минатиот век и еден од најпознатите македонски спортисти во историјата. Тој е носител на Златната копачка за најдобар стрелец во Европа и на Сребрената топка за најдобар фудбалер. Филмот, преку гостувања на истакнати спортски и јавни личности, како и на самиот Панчев, ја раскажува неговата животна приказна на фудбалските терени, до врвот на светскиот фудбалски трон.