СЗО: Епидемијата на Ковид-19 добива пошироки размери

Епидемијата на новиот коронавирус добива сè пошироки размери, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), откако Нигерија го потврди првиот случај на коронавирус во супсахарска Африка, повторувајќи го предупредувањето дека вирусот „може да дојде во повеќето, ако не и во сите земји“.

Портпаролот на СЗО Кристијан Линдмајер, на брифингот во Женева изјави дека се проучувани извештаи за луѓе кои биле повторно заразени, поради што треба да се разгледа начинот на кој биле направени тестовите, додавајќи дека генерално човек кој имал инфекција со коронавирус треба да биде имун барем некое време.

Тој рече дека мисијата на СЗО во Иран, каде има 388 заразени и 34 смртни случаи, треба да почне на почетокот на следната недела.

Инаку, бројот на заболени од новиот коронавирус во светот се ближи до бројката 84 илјади, меѓу кои и нешто помалку од 2.900 смртни случаи. Вкупниот број на излекувани пациенти изнесува близу 37 илјади, активни случаи во светот се околу 44 илјади, од кои 82 отсто се со благи симптоми, а 18 проценти се со тешки или многу тешки симптоми.

Германското Министерство за здравство соопшти дека во Германија се регистрирани 60 нови случаи на случаи на коронавирус. Портпаролката на Министерството прецизираше дека во тој број се пресметани и оние кои сега се повторно здрави.

Според денеска објавените податоци, досега се регистрирани 78.824 случаи во Кина, од кои 335 нови случаи, што помалку од претходниот ден.

Во Јапонија, вклучувајќи ги и заболените на крузерот „Дијамонд принсес“ вкотвен кај Јокохама, регистрирани се 927 случаи и девет смртни случаи, во Јужна Кореја 2.333 пациенти и 13 мртви, а 92 во Хонг Конг и две лица кои подлегнаа на болеста.

Во Европа најзагрижувачка е ситуацијата во Италија, каде според денешните податоци, има 650 случаи се заболени, а 15 завршиле фатално. Во Франција има 38 заболени од Ковид-19, од кои двајца починаа. Велика Британија има 15 заболени, Шведска седум, Русија, Хрватска и Швајцарија по петмина, Грција четворица, Финска, Австрија и Холандија по двајца, и Северна Македонија, Грузија, Естонија, Литванија, Белгија, Романија, Белорусија, Норвешка и Данска по еден, насекаде без смртни случаи.

Досега се забележани 388 случаи во Иран и 34 починати, а 96 во Сингапур без смртоносни компликации. Во Кувајт се регистрирани 45 заболени, Тајланд 41, Бахреин 36, Малезија 25, Обединетите Арапски Емирати 19 и Виетнам 16 – сите без смртни случаи.

На Тајван има 34 заболени, а еден пациент почина од респираторни компликации.

Во САД досега се пријавени 60 лица позитивни на Ковид-19, а во Канада 14. И во овие две земји досега нема смртни случаи од новиот коронавирус.