Африканските баобаби, митски дрвја од африканските савани, во последните 12 години умираат во мистериозни околности, објави група на научници од Јужна Африка, Романија и САД. Најстарите и најголемите дрвја се сушат еден по друго, што е особено шокантно бидејќи е познато дека можат да живеат со векови па дури и со милениуми.
Научниците се сомневаат дека главната причина за исчезнување се климатските промени, иако тие немаат директен доказ за таа теорија.
Се сомневаме дека пропаѓањето на монументалните баобаби барем делумно е поврзано со климатските промени кои особено влијаат врз југот на Африка. Сепак, потребни се понатамошни истражувања за да се потврди или негира нашата претпоставка, пишува во статија објавена во научното списание Nature Plants, потпишан од тим на чело со д-р Адријана Патрута.
Научниците ги проучуваат древните дрвја во јужна Африка од 2005 година и со посебен метод ја утврдуваат нивната старост и структура. Неверојатно, но тие откриле дека 8 од 13 најстари и 5 од 6 најголеми баобаби или целосно се исушиле, или се блиску до тоа. Дрвото баобаб има мноштво на стебла и гранки, многу често со различна старостт, а научниците сфатија дека за многу кратко време речиси сите гранки се исушиле.
Дрвја постепено исчезнуваат во Зимбабве, Намибија, Јужна Африка, Боцвана и Замбија, а се проценува дека баобабите биле стари меѓу 1.000 и 2.500 години.
Меѓу жртвите се три гиганти: Панке во Зимбабве, најстариот баобаб кој има 2.450 години, Платланд во Јужноафриканската република која е една од најшироките во светот со пречник на трупот поголем од десет метри, како и познатиот Чепмен во Боцвана каде познатиот истражувач Дејвид Ливингстон ги врежал своите иницијали и прогласен е за национално наследство.
Дрвата баобаб се познати по тоа дека имаат огромни стебла во кои држат големи количини на вода за тешките услови во сувите подрачја во кои живеат. Исто така, дрвјата имаат големо влијание врз растителниот и животинскиот свет, а на нив се гнездат и птици.
Дрвјата растат во висина до 35 метри, а нивниот дијаметар е до десет метри.