Во недела на 10-ти ноември, невладината организација „Гласен текстилец“ повика на протест за поддршка на текстилните работници. Со протестот ќе се побараат подобри услови за работа, да запре мобингот и да се зголеми минималната плата.
„Ова е веќе неопходно по скоро 30-годишната експлоатација и невреднување на трудот! Се гледаме“, стои во најавата за настанот.
Продолжувањето на работното време, укинувањето на празниците за да нема дисконтинуитет во производството, замрзнување на придонесите, повторно отворање на темата за нормиран учинок, дури и небулозни закани за штрајк на работодавачи, се крајно недозволиви изјави и барања на сопствениците на фабрики – членови на Текстилниот кластер, забележуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Нивната реакција доаѓа откако Кластерот за текстил побараа зголемување на осумчасовното работно време на овие работници за да може паузата од половина час да им биде платена.
„Сметаме дека со самото искажување на ваквите ставови директно се удира на работничките права и на достоинството на текстилните работнички и работници – една од најзагрозените и најмалку платени групи во општеството. Со ова, самите работодавачи практично го признаваат досегашниот арогантен однос кон работниците и начинот на кој секојдневно ги третираат вработените во своите погони“, велат од Хелсиншки.
Потсетуваат дека до септември, до Комитетот се обратиле 1.497 текстилни работнички од 60 конфекции од 12 различни градови.
Иако се дадени 906 правни советувања и иницирани се 20 постапки за инспекциски надзор, Државниот инспекторат за труд само во еден случај има утврдено неплатена работа на празник, а ниту еднаш нема утврдено неплатена прекувремена работа и/или прекувремена работа над законскиот минимум.
Своја забелешка на барањето на работодавците имаат и од Сојузот на синдикати на Македонија.
„Барањето за зголемување на осумчасовното работно време би значело губење на основното право за кое работниците се избориле во 1886 година кога биле организирани и првите штрајкови со цел воведување на осумчасовен работен ден, а работодавачите од Кластерот сакаат да не вратат назад, наместо да бараат укинување на празниците, потребно е согласно законите и колективните договори да ја плаќаат прекувремената работа и работата во празник и ден на неделен одмор, права кои веќе се уредени согласно основните принципи на МОТ“, велат од Сојузот.
Предлагаат работното време да не може да биде подолго од 38 часа неделно со што работниците ќе бидат попродуктивни и ќе имаат повеќе време на професионален и приватен план. Наспроти ова, работодавачите од Кластерот за текстил треба да размислуваат за зголемување на продуктивноста на трудот преку вложување во современи техники за производство, здрави и безбедни услови за работа, зголемување на платата и подобрување на работничките права, посочуваат од ССМ.