И покрај сосема бледата игра фудбалерите на мадридски Реал сепак испеаја во петокот вечерта да дојдат до три бода, и тоа на гостински терен, во дуелот од 15-то коло на шпанското првенство совладувајќи го Вајадолид со 2:0.
Се играше во бавно темпо без никаква иницијатива од двете екипи до самата завршница. Реал имаше малку повеќе шанси, но и домашните опасно се закануваа. Натпреварот беше решен во последните десет минута, и тоа откако беше досуден пенал за Реал кога топката во рака го погоди Хавиер Сначез во домашниот шеснаесетник.
Тоа се случуваше во 82 минута кога поради приговор исклучување заработи домашниот играч Серхио Леон а Карим Бензема го реализираше пеналот. Бензама потоа беше стрелец и во 89 минута.
Со победата Реал се проби на првото место на табелата на Ла Лига со 38 бодови, бод повеќе од Барселона која има меч помалку, а каталонскиот клуб ќе се соочи со градскиот ривал Еспањол кој експресно оваа сезона се врати во елитата. Вајадолид остана на 17 бодови на 15-то место.
Претходно во петокот Селта на домашниот терен во Виго ремизираше 1:1 со Севилја. Домашните поведоа во 33 минута преку Габри Велга а гостите израмнија во 54 минута со голот на Киле Салас. Севилја во финишот од 86 минута играше без исклучениот Хозе Анхел Камона, но Селта не успеа во тој период да ја искористи предноста од играч повеќе.
Селта остана 16-та со 13 бодови, а Севилја 18-та со 12 бодови, и двете екипи се во групата којашто ќе се бори за опстанок.
Со идентичен резултат 1:1 заврши и дуелот меѓу домашниот Кадиз и Алмерија. Гостите поведоа во 40 минута преку Гонзало Мелеро, а домашните израмнија во 83 минута со голот на Лукас Перез.
Кадиз е претпоследен 19-ти со 12 бодови, а Алмерија со 17 бодови е 13-та.
Хетафе на домашен терен со погодоците на Борха Мајорал во 51 и 78 минута со 2:0 ја совлада Мајорка. Хетафе сега има 17 бодови и моментално се проби на 17-то место, додека Мајорка остана на 19 бодови е привремено е на 11-то место.
Во саботата на распоредот се дуелите Барселона – Еспањол, Реал Сосиедад – Осасуна и Вилјареал – Валенсија.