Новите пакет мерки што ги најавува Заев преку своите експоненти, а и лично, за справување со последиците предизвикани од корона кризата добиваат поинаков призвук од основаната замисла и намена.
Зошто еднократни мерки на точно таргетирани категории на луѓе – гласачи, кои се подведуваат во категоријата корумпирање, поточно еднократно корумпирање на граѓаните пред изборите. Во таа насока оди и продолжувањето на вонредната состојба.
Ако се погледнат критериумите за мерките се добива впечаток дека се премногу неодредени, а тоа отвора сомнеж за корупција и криминал. Така, Заев сака да направи „легализиран” поткуп на граѓани пред избори.
Зошто велиме дека ќе прави легален поткуп пред изборите?
Како прво, ќе се дели домашна платежна картичка од 150 евра за ранливи категории и семејства со помали приходи погодени со Ковид-19 во вредност 18 милиони евра. Сумата воопшто не е за потценување. Добро е што се помага на луѓето, ама лошо е што тоа се прави само пред избори. Точно тепмпирани пари. Кој ќе ги определи семејствата кои страдаа заради коронавирусот? Или, ова се таргетирани категории над кои може да се прави притисок со „помошта“.
Од друга страна, никој не кажува од каде ќе се најдат овие пари.
Исто така, прашање е кој ќе ја издава картичката – која компанија (домашна фирма или банка) и кој ќе го сноси трошокот за издавање? Дали трошокот е буџетски или не?
Предвидено е бесплатно инсталирање на пос-ови (терминали за подигање пари) за сите што немаат, но ме кажуваат кој ќе го понесе трошокот за нив и за инсталирањето. Дали е тоа државата? Дали ова е калкулирано во буџет? Дали државата ќе им плати на ИТ компаниите за тоа? И дали тоа не е нов бизнис?
Многу прашања без одговори кои наведуваат на тоа дека некој сака да ќари и на избори и да го наполни сопстевниот џеб, или да ги наполнат џебовите на најблиските.
Се нагласува дека ќе се помага купување домашни производи во маркети. И пак многу недоумици. Како ќе се знае дека купените производи се домашни? Ќе се гледа на фискалната сметка?
Потоа ваучерите за туризам од 100 евра плус домашна картичка од 50 евра во вредност 18 милиона евра. Многу ветени пари, кои ги нема во Буџетот.
Следуваат уште 12 милиони евра за студентите и средношколците, односно за тие што може да се вклучат во изборниот процес. Па така, студентите и средношколците ќе добијат ваучери во вредност од 100 евра плус домашна картичка од 50 евра. За жал, основците никој не ги есапи. Едноставно – не се гласачи.
Како ќе се платат сметките не се знае, но се знае дека ќе се издвојат и 120 милиони евра за стартап бизниси. А, ако се делат како што досега се делеа на ќерки, снаи и сите наши „не згрижени“ блиски и роднини, јасно е како и каде ќе завршат парите и така свртени каде ќе се употребат.
Многу ветувања и големи пари на точно одбрани таргет групи, затоа што изборите без поткуп се загубени.
Некои земји јасно и гласно кажаа дека ќе делат ваучери со сума од 50 и 100 евра на секој член од семејство кои ќе можат да ги трошат во кафулиња и ресторани, за да му помогнат на еден од најпогодените сектори од кризата. Има уште многу вакви примери, ама, за среќа, тие не размислуваат како нашата власт – да се поткупат гласачите за да се остане на власт при катастрофално владеење, посебно во делот на економијата и да се покрие големиот срам од распродажбата на националните интереси и чувства.